Фиренца е централен град во покраината Тоскана. Каде и да се оди, нужно е да се открие Фиренца. Тоа е ренесансен град со стар доста сочуван дел кој предизвикува восхит.
Секој ужива во убавините без разлика колкупати бил во прегратка со мистичниот град. Постојано се открива ново невидено парче од историјата. Градот сам “тоне во минатото”, уметност видливи на секој чекор, на секој агол, на секој плоштад… Препознатлива е по доминацијата на музиката, ликовната уметност низ вековите. Војводите и војводките од семејствата Медичи и Лорена го бележеле за век и веков.

Градот е небаре музеј на отворено и на затворено. Нема грешка од каде и да се тргне во обиколка. Најатрактивен стартот со Фонтаната дел Порцелино на плоштадот Меркато Нуово, недалеку од стариот мост Понте Векио, која е во форма на вепар од чија уста тече вода. Се верува дека ова прасе носи среќа, ако се погали и му се стави пара во устата. Понто Векио е еден од шесте мостови што ги поврзува бреговите на реката Арно. Речниот премин е исклучителен, оти потекнува од времето на римската империја, иако првпат се спомнува во 996 година. Тој е единствениот што куртулил од бомбардирањата во Втората светска војна. Инженерот го проектирал со три лака да овозможи патна комуникација на општината и Палту Пити палатата. За празници, нема игла кај да се фрли од народ. Невиден метеж. Оттука се купуваат сувенирите за спомен од десетиците дуќани. Легендата за мостот вели дека е посветен на љубовта, бидејќи се верува дека двојка која ќе закачи катанец на оградата и ќе го фрли клучот во водата, се заветува на верност и долга љубов. Атмосферата и ноќе е прекрасна со декорот на светлечките канделабри.
Ренесансната палата од Филипо Брунелески е проектирана за банкарот Питиј. Блиску до реката е палатата на семејството Медичи кое ја купило во 1539 година и ја претворило во резиденција на Големото војводство на Тоскана. Уредени се со зеленило, паркови и патеки. Ја користел и Наполеон. Таму се експонатите на седум музеи и 140 простории за посетителите чии ѕидови се украсени со делата на Рафаел, Рубенс, Тицијан… Архитектот нашол креативно решение, поставувајќи ја на плоштадот Синјорина. Илјадници туристи не се воздржуваат од воздишки, предизвикани од уметничките творби. Старата палата е исклучително важен објект со политички димензии. Нептуновата фонтана од 1575 година е симбол на бројните тоскански поморски победи. И неизбежно да не се стапне во галеријата Уфици низ сокачињата со архитектура и со “арома” на ренесанса. Љубителите на уметноста чекаат со часови на средба со раскошните дела на надарените уметници на Италија. Внатре е најголемата и најбогатата колекција од сликарството од антиката, барокот и ренесансното сликарство, како и на Микеланџело, на Рафаел, Леонардо, Тицијан и многу други.
На плоштадот Санта Кроче е готската црква. Таа е безценетиот бисер на Фиренца. Храмот со статус на базилика датира од крајот на 13 век. Во 19 век í е додадено ѕвоно на неоготската фасада. Во капелата почиваат Макијавели, Микеланџело и Галилеј.

Срцето на Фиренца е плоштадот Дуомо. Околу се бројните културно историски знаменитости како катедралата Санта Марија дел Фиоре и крстилницата Сан Џовани. Катедралата или Дуомо е со импозантна купула, највисока и е амблем на градот. Ја конструирал архитектот и сликар Џото и е четврта најголема градба во Европа. “Облечена” е со бел мермер од Карера, црвениот од Марем и зелениот од Прата. Внатрешноста е украсена со фрескосликарство. Плени и куполата на акторот Брунелески, градена 16 години со дијаметар од 43 метри. Блиску е и Акедемијата на убави уметности, а подолу Дантеовата куќа, каде Данте ја пишувал Божествената комедија, гледајќи ја неговата Беатриче.

Фиренца е жива историја. Да се открие се потребни години. По прошетката, најдобро е да се одмори и да се засити стомакот со лазањи, брускети, фокачи или пици во илјадници вкусови. Специфичност е Бистека ала Фиорентина или колачот Панфорте.
Текст и фото Каролина Мицевска
![]()

