Валентин Димитриоски (23), најдобро дипломиран студент на Економскиот факултет
Валентин Димитриоски е најдобриот дипломиран студент од Прилеп на Економскиот факултет. Во својот индекс има вкупно 33 “десетки”. За просекот 10.00, на патрониот празник, 8 Декември, на Универзитетот „Св. Климент Охридски” во Битола доби признание за вложениот труд.

Економските науки му биле предизвик уште од тинејџерските денови. Завршил средно образование во економското училиште “Кузман Јосифоски Питу”, за потоа да продолжи на Економскиот факултет, на насоката Сметководство и ревизија.

-Кадрите од насоката сметководство и ревизија, во иднина мислам дека ќе бидат дефицитарни и има иднина за мојата професија. Предизвикот беше уште поголем затоа што гледам простор за примарен и професионален напредок – вели Валентин Димитриоски, најдобро дипломираниот прилепски студент на Економскиот факултет.

Положил 33 предмети. Сите ги положил на колоквиуми, прв и втор колоквиум, слично на отценувањето на тромесечието во средното образование. Откако го положил првиот со “десетка”, продолжиле да се редат како бисери во низа. Десетка до десетка.
– Колоквиумите се поповолни од директен испит бидејќи е поделен материјалот, полагаме на материјалот кој сме го слушале, а не на целиот материјал. Треба да се учи многу, не доаѓа десетката сама – објаснува Димитриоски.
Студиските годинии ги минал во комбинација со настава, книга и работа во странска компанија, која делува во пелагонискиот регион.
– Се вработив уште од првиопт семестар. Работев и студирав. Најважно ми беше правилно да го управувам времето, сабајле на предавања, попладне на работа и после тоа, учење, повторување и подготовка за наредниот ден – вели Димитриоски.
За него Економскиот факултет е високообразовна институција што во себе ги обединува можностите студентите да се стекнат со солидна основа која потоа може да се надградува.
– Што и да поскаш можеш да постигнеш, но треба да имаш желба и да работиш, да вложиш труд. На младите им препорачам, ако сакаат има можности добро да заработуваат и овде. Се надевам, дека ќе има и други компании. Во странство, можеби има повеќе можности, но и таму на стартот не е лесен патот. Подобро е тука да се остане и да се биде успешен – вели Димитриоски.
Запишан е на втор циклус на студии на Економскиот факултет.
Валентин е пример дека убаво е „корените” да се негуваат во родниот град, а знаењето кое го поседува се „крилјата на успехот” кои му се стремеж да остане во татковината без да мечтае за европскиот сон.
Во знак на поддршка на академскиот успех, покрај доделеното признание ќе добие и парична награда.
Титулата, најдобро дипломирани студенти на Економскиот факултет во академската 2024/2025г., ја дели со Теодора Христовска од Битола.
НЕ СУМ ДЕТЕ ОД ПРОФЕСОРСКА ФАМИЛИЈА
– Воопшто тоа не е важен и клучен фактор, за да бидеш успешен. Најважно е да се докажеш како поединец, и тоа да се вреднува. Треба да имаме мотив, работите да ги промениме на подобро.
![]()

