– Околу Прилеп постојат десетина фрески на камен
Траги остава минатото. Фрескоживописот на карпи е интересна појава својствена за прилепско. Околината е богата со втистнати остатоци од фрески. Забележани се десетици. Има многу повеќе со оние во мариовско.
Наши луѓе и странци се воодушевуваат, прашувајќи дали се споменици на културата, и, ако не се, зошто.
Карпите со фрескоживопис се ретка и податлива појава. Ако се чепне подлабоко во историјата и се истражи времето на создавање, ќе се открие причината за нивното заживување, какви биле луѓето, каков им бил животот и уште бројни прашања кои расветлуваат сегмент од градската историја.

– Најчесто насликан е светецот на црквата што го носи името или името на манастирскиот комплекс. Немаат посебна уметничка вредност, оти се подложни на атмосферски влијанија. Оставени се на милост и немилост на времето, без соодветна заштита и внимание. Институциите не се зазеле да ги обележат, заштитат и реставрираат – велат стручнаците.
Најблиску е фреската Архангел Михаил на 50-60 метри под манастирот. Траги од христијански фрескоживопис има кај Слонот. Фреската на Богородица со Исус “зборува” од карпата која се наоѓа под Бела чешма на патот за Трескавец. На 150-160 метри од манастирот од лева страна доминира карпа со остатоци од фрескоживопис.
Пред селото Дабница се раширила карма од околу седум метри, наречена црква. Дабничани ја викаат Свети Архангел, по светецот насликан на карпата. Пред комунизмот таму се собирале селаните. Палеле свеќи, разговарале, правеле помен за мртвите, ги правеле сите адети кои се правеле в црква.
Има една приказна дека во комунизмот некој атеист пукал во насликаниот живопис на карпата. Потоа ослепел и умрел. Покрај карпата, црква, постојат остатоци од древни гробови.
Под селото Селце се наоѓа сакрален објект, карпа третирана како христијанско светилиште. Во природните длабнатини се насликани два фрескоживописа, на Св Димитрија и на Св. Никола. Објект е ограден. Тој асоцира на пештерски со длабење на простории во карпа. Бллиску има неколку гроба. Можно е да имало некропола.
Фрескоживописи се евидентирани под манастирот во Зрзе. На карпите имало значајни фрески од монашките ќелии. А во Мариово има сведоштва кај селото Зовиќ. И на крај Црна Река во Мариово, во месноста Светецот сега има икона од Богородица со Исус. Порано била фрескоживопис.
Насликаните фрески, ликовите кои зборуваат од карпите уште се свежи и не умираат. Времето можеби ќе ги “расплачи” или ќе им ја “уништи облеката” и ликот, но тие не се предаваат. Религиозната содржина ѕирка уште и цврсто се “држат” за камените подлоги.
Крстови со вар или бела боја се насликани на карпите, најмногу околу Дабница.
![]()

