Нема смрт со жалфија во градината

Овој горчлив, но неверојатно ароматичен подарок на природата со векови важи за вистински домашен лек. Жалфијата е една од најценетите лековити билки во традиционалната медицина. Родена во медитеранскиот појас, но одамна одомена ширум светот, оваа билка со своите кадифени зеленикаво-сиви листови плени и со изгледот и со мирисот. Кога ќе се протријат листовите, ослободуваат интензивна, чиста и речиси свечена арома, мирис кој веднаш асоцира на здравје, свежина и лековитост. Иако најдобро расте на топло сонце и суви почви, жалфијата одлично успева и во континенталните предели. Ние сме среќни што ја имаме при рака.

Пред откритието на антибиотиците, жалфијата била од најкористените билки за лекување на воспаленија, кашлица, белодробни заболувања, дури и туберкулоза. Не случајно во средниот век се родила познатата латинска поговорка, “Зошто би умрел човек, кому жалфија му расте во градината?” Оваа не е метафора, туку одраз на довербата што народната медицина ја имала и уште ја има за оваа билка.

Најпознати лековити својства се антибактериско и антиинфламаторно дејство. Содржи етерично масло богато со активни компоненти. Во мали количини делува антисептички и антиинфламаторно. Поради тоа, чајот од жалфија е традиционален лек за воспалено грло и крајници, афти во усната празнина, гингивит и проблеми со непцата и непријатен здив.

Не случајно, жалфијата е природен додаток во пастите за заби и раствори за плакнење.

Успешно го спречува потењето. Се препорачува кај ноќно потење, обилно потење на стапалата и топлотни удари во менопауза. Делува на автономниот нервен систем, смирувајќи ги прекумерните реакции на потните жлезди.

Кај жените во менопауза, таа е природен регулатор кој помага за намалување на топлотните удари, подобра хормонална рамнотежа и стабилизирање на расположението.

Чајот од жалфија се пие и при надуеност, слабо варење и чувство на тежина. Жалфијата “го буди умот”.Се препорачуваат при замор, пад на концентрација и потреба од ментална јасност.

Листовите на жалфијата се богати со природни антиоксиданси кои го штитат организмот од оксидативен стрес. Се користи и во козметиката за тонирање на кожата, балансирање на маснотии и освежување на тенот.

Чај од жалфија се прави со еден лист (1 мала лажичка суви листови) и 200 мл врела вода. Се поклопува и се остава 10 минути. Се пие или се гаргара. Дневна доза се 2 чаши, не подолго од 2 недели.

Римјаните ја сметале за света билка. Бербата била ритуал. Берачите носеле бела облека, нудејќи симболични приноси на боговите за да се “заслужи” лековитата моќ на растението.

Loading