Прилеп е прогласен за најинклузивната општина во Македонија, која нуди најголема социјализација на лицата со попреченост. За Меѓународниот ден на овие лица, 3-ти Декември се одржа свечена програма во ЦК “Марко Цепенко” и во најстариот Дневен центар за лица со попреченост во Македонија – “Ѕуница”, кој годинава одбележа 23 години постоење. Со 52 асистенти во основните и средните училишта, Прилеп е најголема Општина по бројот на образовни асистенти.

– Предничиме. Не случајно е дојден сертификат за најинклузивна општина. Направен е исчекор. Четири години одредуваме средства од буџетот, ангажираме образовни асистенти за децата пред воведувањето на законските обврски. Ги слушнавме потребите за децата во средно образование кои немаа законска можност за сопствен образовен асистент. Инклузијата не е само збор, тоа е начин на живеење. Тоа е нашата заедничка обврска и иднина, оти Прилеп е град на еднаквост, почит и човечност – вели градоначалникот Дејан Проданоски, потсетувајќи дека во ОУ „Климент Охридски” функционираат специјализирани паралелки за интеграција и поддршка на секое дете.

Двата дневни центри, “Ѕуница” и Дневниот центар за лица со церебрална парализа згрижуваат 28 лица. Тоа е малку. Потребите се далеку поголеми. Се негува надеж за општинска и државна помош за отворање на повеќе вакви центри, оти се вклучени корисници со тешка и најтешка попреченост и лица со аутизам.

– Барања има. Не е голема листата на чекање. Се обидуваме да одговориме максимално на потребите. Нужно е проширување на капацитетите на постојните со кадар за да одговориме повеќе. Со постојните човечки ресурси капацитетите се максимално исполнети – рече Зоран Малкоски, директор на Центарот за социјална работа.

– Не треба само да дојдат и да си одат, туку да се исполнат сите активности според планот. Се надеваме дека в година, ако се зголеми персоналот, ќе вклучиме повеќе корисници. Како персонал, сега ги задоволуваме корисниците. Имаме социјален работник, дефектолог, 2 медицински сестри, двајца технички персонал. Имаме поддршка од Општината, од стручни лица, од општествено одговорни компании и од Црвениот крст. Има и волонтери. Покриени сме – вели Снежана Јошеска, коордиантор, социјален работник во Дневниот центар за лица со попреченост „Ѕуница”.
На прославата дојдоа и гости од Италија од Центарот за инклузија во спортот со седиште во Бари.
Општината најавуваат за в година голем хепенинг, посветен на лицата со попречености каде ќе се покажат стекнатите вештини и знаења од инклузијата во системот.
![]()

