Даниел Мелвил Македонска рапсодија 104

Како светкавица и гром да го удрија во главата, на Темо целиот случај му стана јасен како ден за една секунда. Се сети на факултетските години, на кампусот населен со студенти. Во меморијата ја виде колешката Ан со русата коса и зелените смарагдести ириси, што напати се чинеше дека дифузираат фосфореста светлина. Му текна на белата кожа и убавото тело, градено на јак скелет. Висока, со убави женствени хармонични форми. Околу неа се врткаше колегата Мајкел. Во срцето í победи Темо, “Полјакот”, кој не беше по потекло од Полска, туку по татко му и мајка му од Македонија. Мајкел никогаш не му го прости “љубовниот пораз”. Еве, по толку години нашол начин да му се одмазди со дрогата, што некој ја потклал во колата и ги известил анонимно властите дека божем ја пренесувал од Мексико да ја продаде во САД.

Се сети а како се венчаа со Ан. Таа му умре млада и го остави сам со две мали деца. Очаен, депримиран, тогаш со децата се повлече “на лекување на душата” на имотот наследен од родителите. Таму целосно се оддаде на средување на имотот и на одгледување на децата. Ги капеше, ги облекуваше, ги чешлаше, ги учеше, ги носеше на училиште. Потоа одеше да ги земе и да ги транспортира дома, бидејќи куќата со дополнителните згради се најдуваа далеку, на осамено место. Подоцна, кога децата пораснаа, имајќи потреба од повеќе пари да го досреди имотот, се вработи кај индустријалецот за мали туристички авиони. И потоа, се најде, овде, на робија, за злосторство што не само што никогаш го не го направил, туку никогаш и немал планирано да се занимава со трговија со дроги.

Колку и да се вардеше Темо, заради предупредувањето од Професорот, потплатените затвореници успеаа да го убијат една ноќ. Никогаш не беше откриено кои биле убијците. Додуша случајот беше банален, оти убиства меѓу затворениците се случуваа релативно често.

Преку интерфонот бизнисменот Мајкел Б… ја повика една од своите новоангажирани секретарки. Фамилијарно ја викаше Клео. Со гурмански поглед ја проследи кога влезе во канцеларијата и зачекори кон неговата огромна работна маса. Убава беше. Многу убава, но, после неколку обиди да ја освои, Мајкел Б… реши да примени подобра стратегија и тактика, бидејќи виде дека 22 годишната секретарка може да му се слизне од рацете и да си најде работа на друго место. Потребна е трпеливост со оваа млада кобила. Не треба директен напад, туку одоколу, полека. Само така ќе успее  да ја легне в кревет. На други секретарки, доволно беше да им свирне. Ќе дотрчаа и ќе му дозволуваа да прави што сака. Оваа беше исковена од друг материјал и не се предаваше лесно.

– Седнете, ја покани.

Клео седна во фотелјата визави и се загледа во панорамата од Лос Анџелост, што се простираше далеку пред погледот од 47 кат каде беа канцелариите од работодателот Мајкел Б…

– Рековте еднаш дека на југ поседувате имот во некои осамени места.

– Да, со сестра ми.

– Местото ли е толку осамено, непосетувано од луѓе?

– Да, располагаме  со дел од добра земја, Пголемиот дел е мочуриште. Дедо ми многу сакал има терени. Ама, немал доволно пари да купи добра земја. Во Втората светска војна, како војник, со армијата се вежбале борба против Јапонците во предели слични на оние каде се очекувало да има такви битки. Вежбите ги изведувале во мочуриштата. По војната, бидејќи никого не го интересирале тие места, за многу малку пари дедо ми купил доста голем имот во тој крај. Од него не виде голема полза, бидејќи се потребни многу пари да се прилагоди за експлоатација.

– Би можел да ги купам тие терени – праша Мајкел Б…

– Жалам, ама тоа не е можно. Државата сакаше да ги откупи од дедо ми за некаков проект за национален парк со тропска флора. Ама тој не сакаше ништо да чуе. Иако дедо ми е умрен, немам право сега да ги продадам терените.

– Разбирам, но би можело да ми ги дадете под наем.

– Тоа е друга работа. За давање под наем може да се зборува.

– Прво треба да ги посетам тие места, на лице место да видам дали конвенираат за она што сакам таму да го правам.

 (продолжува)

Loading