ЗАЕДНИЧКИ ВТОР ДОМ ЗА НАСМЕВКА

Домот за стари лица ,,Киро Крстески – Платник,,

Пензионерската музичка група ги отвори грлата да запеат староградски песни станарите на домот за згрижување на стари лица “Киро Крстески – Платник” за да ја одбележат неделата на грижата за старите. Дури завијаа оро на познатите рефрени. Насмевка и ведри лица на возрасните штитеници, предизвика присуството на градоначалникот Дејан Проданоски. Настанот имаше хумана димензија за внимание и почит за постарите генерации што е темел на едно зрело и здраво општество.

Директорот на старскиот дом, Благојче Стојаноски, изрази стремеж за создавање на средина, полна со топлина, достоинство и грижа.

– Секој наш штитеник заслужува место каде ќе се чувствува безбедно, почитувано и вреднувано. Успеваме, но за да го кренеме квалитетот на животот на зедничкиот дом потребна е поддршка – рече Стојаноски.

Според него, гордоста се крева сé повисоко не само на персоналот, туку и на штитениците.

– Локалната самоуправа обезбеди субвенција од 3 милиони денари, за набавка на современа опрема  за олеснување на работата во различни домени, од техничка за подобрување на функционалноста на секојдневните сервиси на корисниците. Набавени се современи индустриски машини, перална, сушилница, машина за чистење на ходниците, правосмукалка, електричен казан за подготовка на храна, фрижидер, машина за миење на садови и саламорежачка, како и мини тракторска косачка. Вложувањата ја подобруваат грижата, ја зголемуваат ефикасноста и ги креваат стандардите на повисоко рамниште. Поддршката е добредојдена и рационално искористена. Убедени сме дека секој ден се прави чекор повеќе за создававање на подобри услови и подобра иднина – вели Стојаноски.

И општествено одговорната компанија Кромберг и Шуберт од Битола покажала готовност, широкоградост и несебичност со донации за опрема во кујната, од ситниот инвентар до индустриски машини. Подарокот ќе го забрза и ќе го крене на повисоко здравствено ниво процесот на подготовка на храната, олеснувајќи го ангажманот на вработените  за квалитет на секојдневните оброци.

– Во завршна фаза е монтажата на системот за противпожарна заштита на Домот. Инвестицијата е околу два милиони денари, сопствени средства за поставување на модерни безбедносни мерки. Дополнително се подигнува безбедноста на корисниците – вели Стојаноски.

Градоначалникот Проданоски најави дека во завршна фаза веќе бил и ќе се отвори и Центарот за активно стареење во месната заедница Рид.

– Се работи на привлекување на инвеститори за отворање на приватни домови за стари лица. Се разгледуваат можностите за зголемување на капацитетот за згрижување, но и за подобрување  на условите за старите лица – рече Проданоски.

Мисијата на персоналот на Домот е професионална грижа за обезбедување на достоинствен живот  на секој  станар.  

Капацитетот на домот е комплетно исполнет со 150 штитеници. Дури постои листа на чекање за сместување не само од Прилеп, туку и од околните градови и населени места.

Loading