Со нови апстрактно-асоцијативни дела, академската уметница Бојана Артиновска се претстави во КИЦ Скопје, со кои ја црпи инспирацијата од огнот. Како што вели м-р Викторија Димеска, историчар на уметноста, асоцијативните содржини, изразени преку колоритот, се поврзуваат со идејата за огнот, праисконскиот елемент што ја гради материјата.
– Апстрактните колоритни целини ги раздвижуваат емоциите и ја поттикнуваат животната виталност. Во одредени композициски структури боите целосно разгоруваат со сите нијанси на жолта, портокалова и црвена манифестација на белата светлина. Во одредени колоритни интервенции константното жарење и вибрации на разни црвени нијанси не дозволува ни ронка починка, разлевајќи се и преточувајќи се од една во друга. Пурпурно-црвената боја во други композиции тлее и се преточува во кафеави и црни нијанси, отелотворувајќи го домот. Разиграните колоритни апстрактно-асоцијативни содржини симболично ја сугерираат топлината на огнот и светлината на сонцето – праисконски сили клучни за животопогодноста. Во одредени композиции симболиката на сонцето е потсилена со формата и обликот на насликаната површина. Контрастот меѓу темнина и светлина, изразен преку раскошната сликарска палета, ја потсилува визуелната метафора за стихијноста на жарот, моќта на огнената жешкотија и бескрајната сончева светлина – вели м-р Викторија Димеска.
Асоцијативно-апстрактните композиции се комбинирани со светлосните интервенции на визуелниот уметник, дизајнер и истражувач Емил Петро и звучните димензии на композиторот Игор Темелковски.
![]()

