Елвис Асаноски
Многу прилепчани страдаат од спортските клубови под санкции. Отсекогаш било така. Дури и семкарот Елвис Асаноски доживува последици. И не само сега кога Победа е санкционирана да не игра 4 меча пред публика поради недолично однесување на навивачите на мечот со Шкендија, туку пред 14 години со негативните случки кај прволигашот 11 Октомври.
Суспензијата на теренот од ФФМ го погодува Асаноски затоа што драстично му опаднала продажбата на сончоглед, семки, пуканки…

– Без 11 Октомври страдаме, гледачите и јас со нив. Се полнеше трибината, оти фудбалот е убава забава. Се молам да ја избришат казната да не пропаднам, оти и социјалното ми го укинаа – рече тогаш Асаноски.
Според него, кризата во спортот е криза и за него.

– Зависен сум од спортот. Нема народ кому да му продавам. Со затворените врати од стадионот и игра без публика, не можам финасики да издржам – вели Асаноски.
А во минатите времиња имаше фудбал, публика насекаде ина градскиот стадион и на игралиштата кај базенот, на Металец, нај Могилата. Секаде.
– Публика има само со добри резултати, добра игра. Убаво беше кога Победа беше силна. Се враќа меморијата на Ацуле (Забрчанец) со Победа и добрите играчи, не само од Македонија, ами и од странство. Околу десет илјади публика. На мечот со италијанската Перуџа во 1999 година имаше близу 15 илјади гледачи. Игла немаше кај да се фрли. Гледачите не се навасуваа со семки… Резерва носевме. Ништо не остануваше. Фудбалот беше милина. Срамота за градов е Победа да биде Втора, камоли Трета лига. Ни треба Прва лига. Сега е слабо, оти нема резултати, нема успеси, нема кеф. Имаше бизнис и на ракомет. И тој е во криза оти не работи Универзалната сала. А салата “грмеше”. И малиот фудбал собираше многу народ – кажува 54-годишниот Елвис.
Апелира да му се помогне на спортот, оти добриот спорт носи добар бизнис.
Асаноски е семкар 43 години. Имал место кај рекламите, сега наспроти Бизнис-центарот. Сепак е благодарен на Господ, што семките му се опстанок во животот.
![]()

