Во Институтот за старословенска култура отворена е изложба на уметникот Атанас Атанасоски. Делата се надоврзуваат на претходните уметнички проекти со централно место на дрвенестата вегетација.
Фокусот е ставен на трновити растенија кои, дури и по бербата, ја задржуваат природната боја и цврстата текстура. Издржливоста овозможува уникатна пластичност и применливост во уметничкото обликување. Природниот материјал во уметноста е истражување на естетиката на соживотот меѓу човекот и природата, поставувајќи го за главна тема на творештвото. При растечки еколошки предизвици, авторот гради уметнички израз со јасна еколошка и социјална порака, нагласувајќи дека природните ресурси можат да бидат истовремено и инспирација и потсетник за одговорност.
– Ликовната изведба се темели на внимателно моделирани структурални површини, изградени преку природни материјали со специфична визуелност и текстура. Пејзажниот знак, мотив кој одамна го следам како сензибилитет, повторно е централна инспирациј. Овој пат е претставен на начин што ја нагласува карактеристичната естетика на локалната вегетација. Природните елементи не се третираат како декоративни додатоци, туку како суштински градивни компоненти на ликовната интерпретација. Се нагласува важноста на природата како жив, активен учесник во уметничкиот процес – вели Атанасоски.
Во време кога технологијата ни нуди постојан пристап до глобалната уметничка сцена, Атанасоски свесно се враќа на непосредното опкружување, културата и традицијата. Со зрел творечки пристап и богато искуство, уметникот ја преточува локалната природна естетика во современ ликовен израз, создавајќи дело што ја спојува автентичноста на регионот со универзалните уметнички вредности.
![]()

