Тутунскиот Комбинат (ТКП) ја отвори откупната кампања
– “Монополот” ќе преземи околу 2300 тони
– Парите на сметка двапати неделно
– Рекордна продукција од 350 кила од декар
Тутунскиот Комбинат (ТКП) започна со преземање на годинашниот род на тутунот предвремениот откуп. Отворени се 34 пункта со 37 ваги. Дел од долгодишните кооперанти ја предаваат бербата. На стартот, проценката “минува” во првата класа од 420 денари од килограм. Но, тутунарите сметаат дека родот треба да чини околу 600 денари, според маката за производство и повисоките цени на репроматеријалите.

ТКП уште во март ги зголеми цените. Првата класа е коригирана нагоре за 5 проценти, а втората и третата за 10 отсто во споредба со лани. Оттаму претендираат на откуп во класи да се одржи квалитетот. Тутунарите треба да имаат соодветна награда за квалитетот со цени. Добриот производител треба да земе повеќе и да се разликува од другите.

ТКП ќе преземи околу 2300 тони што е 35 отсто повеќе од лани. Плаќањето ќе се врши двапати неделно, во вторник и во петок.
Тутунопроизводителот Благој Мицески проценува дека родот му е со мошне висок квалитет.
– Исушен е навреме, собран навреме, наводнуван со систем “капка по капка”. Цените треба да бидат малку повисоки, поради повисоките трошоци. Сработив, во просек, по 350 килограми од декар – вели Мицески.

На исто мислење е тутунопроизводителот Реџеп Абдулоски. Тој очекува разбирање од откупувачите за покачување на цените.
Сојузот на тутунските здруженија е задоволен од цените во првиот ден од откупната кампања, но и бара повисоки цени.

– Покрај стартот на откупот, уште преговараме со компаниите. Бараме покачување. За економската оправданост, држат место и нашите аргументи. Повисоките цени зависат од дијалогот со откупувачите. Очекуваме откупот да мине лесно и брзо. Тутунарите не треба да се плашат. Родот ќе се презема до последно кило – вели претседателот на Сојузот на тутунските здруженија Кире Ристески.
Од ТКП не ја исклучуваат можноста за зголемување на цените. Ако дојде до покачување во текот на откупот, подготвени се да ја доплатат разлика на оние тутунари кои го предале тутунот по пониска цена. Тој уште отсега најави поддршка на тутунарите за в година за набавка на репроматријали, а сега и за системи “капка по капка” поо цени пониски од земјоделските фирми.
– Доколку и другите откупувачи ги коригираат цените, спремни сме да ги следиме. Сé што е откупено по стара цена, ќе биде ретроактивно исплатено по новата цена – вели директорот на ТКП, Александар Алексовски.
Според Цветан Трипуновски, министерот за земјоделство, квалитетот е одличен. Откупниот процес ќе биде следен од земјоделскиот инспекторат.
– Ќе ја продолжиме традицијата за квалитетно производство. За разлика од лани постигнат е сериозен успех со раст на површините за 11 отсто и со пријавени земјоделски стопанства како одгледувачи на тутун. Се враќа тутунот како стратешка култура – рече Трипуновски.
Во земјава откупуваат десет компании кои обезбедиле лиценци и средства за плаќање на тутунот.
![]()

