Балатон 2
Езерото Балатон е најголемото во Унгарија со површина од 592 км2, должина од 77 метри и широчина од 14 километри. На бреговите се изградени восхитувачки места и градови.

Полуостровот Тихањ е прв заштитен крај во Унгарија од 1997 година. Дел е од националниот парк Балатон. Таму пречекуваат предели со доминација на лаванда. Се забележуваат гејзери. Тоа се природни феномени на поствулканска активност на тлото. Овој дел од езерото е центарот на туризмот. Првин е Бенедиктинскиот манастир, а до него уреден хортикултурен простор. Тесни улички поплочени со калдрма водат низ малото место. Автентичните куќи, покриени со трски, со многу зеленило во дворовите, освојуваат на секој чекор. Дел се архитектонско иновирани во мали кафулиња или во сувенирници. Се нудат необични производи од лаванда, дури и вино. Изборот е богат со различни украси за сувенири. Низ уредената патека се стигнува до минијатурното спомен обележје на дебелата птица, која седи на ограда од цигла, со грбот свртена кон езерото. Повремено се организираат манифестации како свечената церемонија во манастирот на просторот каде почиваат борците за слобода. Полустровот е прекрасен и лете и зиме, особено при сончев ден. Патот натаму води кон малото место Кештељ со дворецот Фестетич. Тој е извонредно здание, архитектонски убавец, како надвор, така и внатре. Граден во 18 век, бил дом на благородничкото семејства во Унгарија, Фестетич. Денес е музеј. Внатрешноста, дизајнот и мебелот се делумно зачувани од Втората светска војна. Вистинско “благо” за очите. Една голема просторија е резервирана за богатата библиотека со илјадници книги. Надворешната околина е небаре рај, полна со разно-разни растенија, зелени патеки, клупи, мали езерца. Во еден дел е музејот на ловот, па експонати од кочии, па автомобили, олдајмери… Прошетката чини 12 евра. Луѓето толку се фасцинираат, што брзо ги трошат батериите на телефоните од фотографирање.

Восхит се доживува и од местото Таполка. Во “вкусно” уреденото езеро се “капат” риби во различни бои. Впечатливо е возењето со метални чамци во пештерата. Ова чудо на природата не може да се види без претходна резервација. Создадена е на местото каде се мешаат ладна и топла вода. Топлината се должи на вулканска активност. Чамецот се допира до милионгодишните ѕидови вајани од водените талози. Се слуша звук на чукање и стружење. Возбудата доживува кулминација во пловилото за двајца. Се весла со едно весло 180 метри низ тесните подземни природни канали. Авантура за адреналин.

Балатон е пријатен и во Шиофок. Тој е најголемиот град околу езерото. Уреден е и чист, со кула во центарот, шеталиште, парк со галерија на скулптури под отворено небо. Климата е погодна за користење на плажите на брегот лете. Градската река се влева во езерото. А на вливот е местото Шомоѓ, што е уредена популарна туристичка дестинација.
Каролина Мицевска, фото и текст
![]()

