Вложување во училиштата и спортската инфраструктура

Во дворот на ОУ „Рампо Левката”, пуштено е во употреба ново, современо игралиште за баскет, со тартан подлога и ново осветлување.

– Со инвестиција од 1,3 милиони денари денари од Буџетот на Општина Прилеп, овој досега неискористен простор доби нов живот, место каде што децата и младите ќе можат безбедно, активно и со насмевка да спортуваат – вели градоначалникот Дејан Проданоски.

Освен учениците, игралиштето ќе може да го користат сите љубители на спортот.

Локалната самоуправа, покрај во спортската, вложува и во училиштата инфраструктура. Во ОУ „Добре Јованоски” целосно е реконструиран дотраениот објект во задниот двор, кој сега претставува современ и функционален простор наменет за потребите на училиштето. Извршени се темелни градежни зафати, поставена е нова дограма, нова фасада, адаптирани се простории за хаусмајсторот, магацин за учебници, а направен е и нов кабинет по ликовно образование со смарт табла.

– Инвестицијата вредна 2,5 милиони денари е целосно финансирана од Буџетот на Општина Прилеп. Во помошното училиште „Лазо Филипоски Лавски”, исто така е извршена реконструкција и адаптација на просториите, а една од нив е пренаменета во мала фискултурна сала со татами подлога, каде учениците по повеќе од 30 години добиваат соодветен простор за часови по физичко воспитание. Вредноста на оваа инвестиција е 744.000 денари – вели градоначалникот Проданоски.

Продолжуваат со реализација на вакви проекти, затоа што грижата за образованието и најмладите останува еден од највисоките приоритети на Локалната самоуправа.

Loading