Кошаркарските ветерани се собраа во Таверна
Којзнае дали секогаш и секаде било вака. Сегашносва буи со носталгија, оти минатото се смета за многу поубаво. Така, логични се средбите на некогашни спортисти, тренери, функционери, финансиери… Ветерани кои некогашното не само што не го забораваат, туку го сметаат за преубаво, нешто за кое вреди да се вложат напори и мислите да се вратат децении наназад.
Ваква идеја имаше средбата на ветеранските кошаркари. Тоа е спорт што прилепчаните го практикуваа од 1946 година со основањето на кошаркарскиот клуб “Гоце Делчев”. Прилепските бригадири почнале да играат на работните акции. За втор почеток кај хроничарите се смета 1972 или 1973 година. По пауза од повеќе години, обновен е клубот “Гоце Делчев” по иницијатива на професорите Трајче Зулјамоски и Веле Јакимовски. Некогашните спортски работници и кошаркари одржаа собир во клубот Таверна.






Секакви разговори, навраќања кон минатите кошаркарски времиња. Каде биле првите игралишта (кај училиштето “Кочо Рацин” или кај ДТВ Партизан), каде бил првиот поставен маалски кош, кои биле првите баскетчии, Касе билепрвите натпревари, првиот успех… Разговори до недоглед. А кои се првите или најголемите успеси. Кои се имињата на кошаркарите, тренерите, членовите на управи, финансиерите… Многумина на разни места се спомнуваат како учесници во овие процеси, Милорад Думбалоски и Веселин Тофоски – Батката, Кирил Каракашоски, Димитар Петрески – Таче, Богољуб Ристески – Дасата, Сашо Иваноски, Стеван Стевананџија – Цицо, Тодор Крстески, Здравко Здравески, Петар Муличкоски, Петар Чесноски, Христо Плашески, Трајко Димески – Трајло…
Сеќавањата се и за клубот “Гоце Делчев” кој подоцна е преименуван во “Тутунски комбинат”, па во “Еуроинвест 11 Октомври”. Од поновите времиња се спомнуваат: Благоја Самакоски, Пеце Ангелески, Перо Блажевски, Ѓорѓе Војновиќ, Тони Стевананџија, Ванчо Ковачки, Томо Вујасиновиќ, Гоце Николоски, Сашо Костоски, Благоја Алексоски, Бранко Алексоски – Арчио (прекар според НБА-ѕвездата Арчибалд), Петар Књазев, Сашо Јошески, Живко Јакимоски… Од ова време е триумфот врз гигантот МЗТ Скопје со 74:73. Следбеник на “Еуроинвест 11 Октомври” е клубот “Бончејца”, со тренерот Драган Брсакоски.
И сега Прилеп не е без клуб. Тоа е КК Мега баскет. Тренира и игра првенствени мечеви во салата во ОУ “Добре Јованоски”.
А кога станува збор за собирот, импресиите се прекрасни:
– На едно место се собравме 28-мина, да се видиме по подолго време. Дојдоа Љупче Апцев од Струмица, Перо Блажевски и Ѓорѓе Војновиќ од Скопје, по телефон се јави Дури Бајрактар од Струга, порака испрати Ванчо Ковачки од Италија… Највозрасниот меѓу сите беше баш професор Трајче Зулјамоски, па Михајло Атанасоски – Михата, скоро 80-90 проценти од таа генерација беа тука. Многу анегдоти и случки беа кажани. Тука беа Сотка Николоски, Ангел Когој, Александар Алексоски, еден од претседателите Благоја Самакоски… Средбата заврши со договор по еднаш годишно да се собираме – пренесува Сашо Костоски.
Екипа во формирање
Договорено е да се оформи ветеранска екипа од некогашни кошаркари. Таа би била пријавена да учествува во Лигата на ветераните на Македонија.
– Одвреме-навреме ќе се собираме да се дружиме. Нема да освојуваме бодови, да прикажуваме некоја врвна игра. Далеку сме од физичка подготвеност и кондиција. Целта е меѓусебното дружење на генерации за афирмација на кошарката – појаснува Сашо Костоски.
![]()

