Кралски дворец крај езерото (1)

Балатон

Унгарија нема море, ама го има најголемото езеро, Балатон. Го викаат  унгарското море. Езерото е најголемо во Средна Европа. Протекува реката Зала. Големината е 592 км2, долго 77 метри и широко 14 километри. Се наоѓа на 104 м. н.в. Длабочината достигнува до 12 метри.

Околу се изградени бројни поголеми и  помали места. Па во Унгарија не е само Будимпешта.

Секешфехервар или Бел град, е со околу 100 илјади жители. Тој е административен центар на округот Фејер. Тешко се изговара и затоа сите го викаат Бел град. Некогаш бил престолнина на Унгарија. Во средниот век тука била кралската резиденција. Крунисани биле 37 кралеви и 39 кралици. Погребани се 15 владетели. Многу години бил чуван и кралскиот накит. Кралскиот град блеска во есенско жолто руво во октомври. Прв впечаток остава пазарот за цвеќиња. Низ тесните калдрмисани улички се доаѓа до широкиот плоштад. Таму е Градското собрание, потоа старата судска зграда, остатоците од старата катедрала… Блиску е часовникот, катедралата Св. Стефан… По главната улица, корзо, е Бискупската палата, и уште неколку значајни објекти. Од совршенство, пленат шарените куќи и зградите. Уживање претпладне.

Потаму е замокот Бори. Тоа е романтичен објект, граден во име на љубовта. Сопственикот, архитектот Јан Бори, заради љубовта кон сопствената жена Илона, 40 години го градел дворецот. За осум евра може да се запознаат сите вредни предмети, слики… Надвор, дворот е полн со скулптури. Магично, ако се замиле дека некогаш тука живееле семејства. Фантазијата дозволува човек да се врати назад со векови. Задоволство е да се фотографира раскошот на фасадите и внатрешноста на замокот. Спомените се вечно потсетување на прекрасен ден во природата, полн со историја.

Последните часови се минуваат во одморалиштето Балатонфуред крај езерото. Очите празнуваат од уредените паркови, шеталишта…, зашто сите сетила добиваат чувство за восхит. Атрактивен е и аквариумот и аква паркот со  реквизитите на велосипедската патека, тобоган од 340 метри, жичено јаже… Само што, според Унгарците, последните години пораснале цените за ноќевање.

Како и да е, прошетката крај езерото смирува, особено ако се дополни со вкусите лангос (питулица) со рендан кашкавал и колачот куртос.

(продолжува)

Каролина Мицевска, фото и текст

Loading