Бабата твори 55 години

Ретроспективна изложба на слики

Вечерва од 19 часот во ликовната галерија од ЦК “Марко Цепенков” ќе биде отворена ретроспективната изложба на слики од Боро Арсовски – Бабата, со која уметникот одбележува 55 години од своето творештво.

Роберт Цветковски, историчар на уметноста, забележува дека Бабата дал значаен придонес кон македонската наива, како специфично движење на неакадемските ликовни уметници  од 60-ти и 70-ти години.

– Годишнината е значајна за македонската ликовна сцена од повеќе аспекти – авторски, историски, национални и идентитетски. Неговата инвентивност, повеќегодишниот авторски континуитет во земјата и пошироко  како и специфичниот заокружен и јасно дефиниран сликарски израз што изобилува со богат визуелен вокабулар, го става во редот на најзначајните  претставници на македонската наива. Ќе се види ликовно-продукциската траекторија од 1970-тата до денес. Забележителни се напорите за доследно почитување на една сликарска парадигма што содржи прецизен цртеж, фигуративно-колористички баланс, автентична македонска орнаментика, костимографија и архитектура, мирен рурален секојдневен амбиент, осветлен од македонското сонце… Изразена е способноста за визуелна нарација, давање филмска динамика на содржината на сликата, а понекогаш присутно е и навлегување во сферата на надреалното. Сликите говорат за едно време што не постои денес, зборуваат за периодот кога луѓето беа многу поблиску до природата и нејзината убавина… Како автор на многу слики коишто се дел од музејски и колекционерски збирки, но и на многу акварели и скулптури изработени на иста тематика – македонски автентичен амбиент со елементи на етнологија од овие простори препознаена во светот како македонски етнографски идентитет – за Бабата може да се каже дека, покрај тоа што е извонреден ликовен автор, се смета и за хроничар на едно изминато време што подразбираше симбиоза на човекот и природата – потенцира Цветковски.

Боро Арсовски – Бабата од  Куманово, како сликар наивец, твори од 1969 година. Ваја и скулптури во камен и керамика – теракота. Првпат излагал во 1971 година со ДЛУ. Излагал низ  цела Југославија во 200 групни изложби и 5 самостојни. Делата биле предмет на аукција во Белград и Скопје. Сликите се богатство на многу галерии, музеи и приватни колекции ширум светот. Снимени се два документарни филма.

Loading