По молк од речиси една година, градскиот часовник пак го мери времето. Се слуша кога мандалото ќе ја удри камбаната во препознатлитвиот тон на половина час по еднаш и во часот со бројот на ударите. На пладне од височина од 38 метри се разлева кадифениот глас на омилениот прилепски интерпретатор на народни песни, Гога Зафироски, со песната “Прилеп…”. Модернизирана е гордоста на градот. Звукот доаѓа од електронски уред со засилувач и звучници. Стрелките на часовникот уште не се во функција. Ноќе блеска и ја сече темнината, изразувајќи непокор на мракот и ехо на прилепското богато историско наследство.
Сатот, стар два века, е симбол на прилепскиот дух за мајтап. Со времето малку се накривил на југоисточната страна, но стручно е запрено навалувањето пред десетина години.
Во шестоаголните темели и на ѕидовите се вградени илјадници јајца да биде здрав и вековит.
Чукањето на саатот не е секогаш означување на времето. За животот и времето што минува саатот жали и вика “Ах”.
Постар е од лондонскиот Биг бен.
![]()

