Книжевна дружба со Ивана  Хаџиевска

Литературно-издавачката дејност на ЦК “Марко Цепенков” – утре, сабота, во фоајето ја најавува промотивната дружба и разговори со Ивана Хаџиевска, инспирирани од нејзината збирка есеи “Суспендирана итност”.

Хаџиевска посочува на очајното ниво на македонската и балканската историографија и политика на сеќавање, при што, наместо повеќе да се работи на разбирањето на националните митови, се наметнуваат поими за “историска вистина”…

– Таа има интелектуална храброст, малку почитувана, а толку многу важна – вели политикологот Здравко Савески во рецензијата за книгата.

Есеите се пишувани меѓу 2014 и 2024 година. Низ призмата на историјата, социологијата, филмот и родовата димензија, авторот ги разгледува симптомите на руптурните кризи кои го потресувале светот од 20 до 21 век. Состојбите се прикажани низ компаративни ракурси кои фокусираат локално и глобално. Наместо балканската ексцентричност, се обидуваат да ја допрат и универзалноста на проблемите на капитализмот, идеологиите и влијанието на кризите врз луѓето и заедниците.

Разговорот со Хаџиевска ќе го води Кирил Бисероски, а модератор е Александар Еленин.

Хаџиевска (1995) е историчарка и независна истражувачка. Дипломирала историски науки на Филозофскиот факултет во Скопје во 2018 година. Магистрирала на економска историја. Истражува во полето на филозофијата на историјата, историјата на жените и политиките на сеќавање.

Loading