Кираџија половина век!

Судбината на Ане Ангелина Талеска

Многу поинаку го замислувавме 21-ов век. Го сонувавме како епоха на богати и среќни луѓе, кои ги интересира само висока технологија. Информатичката заедница е тука, но ксметот доцни. Го нема премногу, Има уште многу повеќе несреќни луѓе, дури и такви без свој дом.

Една е Ангелина Ане Талеска. Веќе 45-50 години живее под кирија, во други куќи. Така и денеска.

– Под кирија сум од младоста, од социјализмот. Година ипол бев во брак и се разделивме со сопругот. Не се премажив и останав да живеам со синот. На шест-седум места живеевме, во шест-седум различни куќи низ градов. Така до пред 15 години. Тогаш син ми млад почина. Останав сама да живеам – раскажува Ане.

Таа изгледа многу помлада отколку што кажува.Вели дека ја привршува шестата деценија од животот со социјална пензија. Ама, редовно ги плаќа сите сметки. Секаде, сметките и биле платени и сопствениците биле задоволни. Уште, години и години живее во куќа од други сопственици. Тие и најавиле дека имаат планови со куќата, па затоа Ангелина бара следна куќа за преселба. Каде да се упати?

– Тешко, на улица сум, социјален случај веќе 50 години. Дадов оглас за куќа, со надеж дека ќе се јави некој. Ако е празна куќата, би ја чувала. Ако е некоја минимална сума за кирија, би ја плаќала секој месец, а и сите други сметки – струја, вода, ѓубретарина… Не мора да е голема, може помала, постара. Може и стан некој, со неколку соби, колку сам човек да се смести со основна покуќнина – кажува Ангелина.

Ангелините маки траат половина век, од социјализмот, па до ова поново време. Многу служби, комисии се смениле, проблемот останал нерешен. Освен што државата и дава минимална социјална пензија, во врска со живеалиштето никој ништо не и помага. Често спомнува социјален стан. Конкурси, конкурси, којзнае колкупати конкурирала? И, ништо.

– Отсекогаш сум социјалец и не ми даваат стан. Немам пријатели. Единственото решение од државата е – Домот за стари и изнемоштени лица. Не сакам да чујам за таква опција. Сакам еден од становите за социјални случаи. Вредна сум, способн, да си готвам, да си перам, да си чистам… Полно социјални станови се заклучени. Конкурирам, но уште не сум добила. Минаа децении така… – се жали Ангелина.

Жената се мачи. Среќа што е комуникативна, па разговорот и помага да ја ублажи маката. Љубител е на кученце. Често може да се види во заедничка прошетка со неколку кученца. Тоа и е обид за наоѓање мир, со другите суштества. Сега тешко дека ќе најде покрив над главата, топла соба со мирис на готвено јадење… А државата не и помага.

– Нека проверат дали кажаново е точно. Жена на улица. Се е постудено, зимата е на прагот… Не сум раат, цилиндарот ми го скршија, електричното ми го украдоа… Ох, да ми беше живо детето, немаше да биде вака… – офка возрасната Ангелина.

Кажано и било бргу, до недела, пред крајот на месецов, да најде ново живеалиште. Дали тоа ќе биде во куќа со сопственик кому ќе му плаќа секој месец кирија за користењето, или пак државата ќе и ја исполни дамнешна желба да има социјален стан?

Loading