Во изложбениот салон на Центар за култура во Куманово беше отворена изложбата, насловена “Асоцијативни апстракции” од нашиот уметник Марјан Стојаноски. Претставен е циклус од дваесеттина слики создаден последните две години.
Тони Чатлески забележува дека делата на Стојаноски, како и линијата, добиваат статус на жив организам што трепери, пулсира и води низ слоевит свет на симболи, архетипови и интимни кодови.
– Секој потег е запис од загубена азбука, визуелен документ на внатрешна археологија во која авторот копа по значењата на формата, идентитетот и меморијата. Успева да го задржи балансот меѓу контролираниот хаос и јасната визуелна мисла. Композициите, иако на прв поглед, се спонтано фрагментирани, во суштина се длабоко структурирани. Се чувствува архитектура на линијата, ритам на повторување и контрапункт меѓу празнината и обликот. Доминираат мотиви на човечки профили, око, симболички знаци и геометриски структури, преплетувани во полуапстрактен, полунаративен простор. Не се приказ, туку ехо, одраз на мисловен процес што ја бара суштината на човекот меѓу духот и материјата. Колористичкиот јазик е воздржан, но полн со енергија. Сивите и окерните тонови ја создаваат атмосферата на стар ракопис или урбан фрескопис,. Црната линија дејствува како вектор на идејата, како знак на постоење. Делата го претставуваат уметникот како автор кој владее со современата експресија, но и како мислител кој преку визуелниот знак води дијалог со историјата на уметноста, особено со наследството на европскиот модернизам. Стилот му е искрен, енергичен и интелектуално зрел. Сведочи дека во македонското современо сликарство се јавува автентичен глас со сопствен систем на симболи и визуелна поетика – посочува Чатлески.
“Археологија на линијата и духот” не е само изложба, туку е мапа на внатрешен универзум, испишана со боја, интуиција и храброст, посочуваат од ЦК од Куманово.
Стојаноски е прилепчанец. Завршил средно уметничко училиште во Скопје. Дипломец е на ФЛУ во Скопје. Член е на ДЛУМ. Бил двапати претседател на ДЛУП. Во 2015 годин се закитил со наградата за скулптура “Јордан Грабул”. Имал многу самостојни и групни изложби. Вработен ве о ЦК “Марко Цепенков”.
![]()

