– Пирати во 21 век, тоа не е можно! – провикна девојката.
– Како што гледате можно е. Ние двајцата имавме голема среќа што успеавме да се скриеме, па не нé пронајдоа, инаку… Претпоставувам дека бандитите кои не нападнаа, после ограбувањето на бродовите и масакрот на се живо, потоа ги потонуваат, за да не остане никаква трага од злосторството, та се мисли дека некои помали бродови исчезнале “по природен пат”. Никој не тргнал да ги бара разбојниците да ги зароби и да ги казни.
– Што ќе правиме сега? – повтори девојката.
– Не знам. Најдобро би било да чекаме да помине некој брод и да нé пронајде. Господинот Маврокордатос беше позната личност. Сигурно е дека ќе тргнат да го бараат, да дознаат што станало со неговата јахта и со гостите.
– Ако не се лажам, вие бевте еден од келнерите во ресторанот…
– Да. Имам универзитска диплома. Повеќе ми се исплатуваше да работам на Рузвелт. Ако немате ништо против, би сакал да знам како ви е името.
– Се викам Рамсес.
– А јас Викторија.
Не му кажа дека е леди Викторија од стара богата благородничка англиска фамилија. Била поканета на патувањето во Јужниот Пацифик од една пријателка која дошла на бродот со своите родители.
Првпат модрите очи од црнокосиот Рамсес се свртеа кон неа:
– Англичанка сте?
– Да. А вие сте Египќанец?
– Зошто Египќанец?
– Заради вашето фараонско име.
– Имам египетско државјанство, но сум роден во таа земја во колонијата македонски емигранти.
– Значи сте Грк?
– Не сум Грк, туку Македонец. Ова не го кажав кога се кандидирав за работа на јахтава. Во спротивно господинот, сега покоен Маврокордатос, нема да ме примеше, па дури имам причини да мислам дека ќе ми истераше со клоци.
– Зошто, зар е злосторство да се биде Македонец?
– Тоа е долга историја. Некогаш, ако ве интересира, ќе ви ја раскажам.
Рамсес стана и зачекори накај Викторија. Таа го разбра грешно движењето. Отстапи еден-два метри назад. Рамсес знаеше од што стравува сопатничката, та ја успокои:
– Не плашете се, нема да ве силувам, болувам од анафродизија.
– Заразна ли е таа болест? – праша Викторија која првпат слушаше за тоа заболување.
– Во никаков случај. Анафродизијата е болест на потполно немање сексуален апетит. Тоа значи дека вашата женска чест не се најдува во опасност. Кога го напуштив Египет, страдав некое време и од една друга болест, ментален анатопизам. Таа психичка пертурбација. Се јавува кај некои емигранти кои не успеваат да се прилагодат на условите на животот во странство. Ја добив, не само заради заминувањето од Египет, туку и заради тоа што се осетив откорнат од мојата македонска средина таму. За среќа, со време се излекував. Сега нема во мене ни трага од тешкотии од типот на менталниот анатопизам.
– Што ќе правиме сега? – повтори уште својот лајтмотиф леди Викторија.
– Првим треба да ми помогнете да ги собереме и да ги фрлиме сите лешови в море.
Викторија ненадејно налутено остро изговори:
– Не сум студирала за гробар!
– Како што сакате, студено одговори Рамсес.
Ја зеде пушката и, решен да преспие два саати, избра една од луксузните кабини. Легна на удобниот кревет и по 20 минути медитирање, заспа, но пред тоа ја заклучи влезната врата.
(продолжува)
![]()

