Четири стоматолошки столици за орално здравје на најмалите

Донација           

Шведската невладина организација “Ханд тил ханд” донираше 4 стоматолошки столици вредни 40.000 евра за подобрување на здравјето во устата и за создавање на навики за хигиена и за одржување забите на децата во основните училишта и градинките. Невладината организација, чиј водач е жена со прилепско потекло, досега донирала 700.000 евра во разни институции во Прилеп.

Првиот, од четирите стоматолошки столови, веќе е монтиран во градинката во Тризла, каде ќе имаат грижа не само децата од предучилишна возраст, туку и учениците од ОУ “Добре Јованоски”. Се очекува стоматолошки столови да се монтираат во училиштата “Кочо Рацин” и “Климент Охрдиски”. Се размислува каде ќе биде поставен четвртиот.

– Донацијата е помош за здравството и израз на грижа за младата популација. Не е прва. Сме дарувале и во домот за стари лица, во  болницата… Околу 700.000 евра за Прилеп. Помагаме и индивидуално на социјално загрозени семејства – рече Марија Росенгрен од НВО “Ханд тил ханд” од Шведска.

За градоначалникот Дејан Проданоски, донаторите се добредојдени. Тој  ги охрабрува граѓаните тука и во странство, доколку се во можност, да ја помогнат локалната заедница, оти буџетот е ограничен.

Обновени се стоматолошките амбуланти во дел од училиштата, оти постојните столици не се сменети од социјализмот, а нужна е грижата за оралното здравје на најмладите.

Павле Јанески, од шпедиција ВАП 97, е вклучен во постапките за транспорт и царинење. Неговиот придонес не е мал, за брзо и ефикасно стигнување на донациите до корисниците.

Поради хуманирната мисија со години, Марија Росенгрен годинава беше наградена со највисокото признание на Општината Прилеп, наградата “3-ти Ноевмри”.

Loading