Животно дело за уметникот Корубин и, постхумно, за фудбалерот Магдески          

За празникот на градот –  Трети ноември

По повод 3-ти Ноември – Денот на ослободувањето на Прилеп, комисијата за одбележување значајни настани, личности и празници додели две награди за животно дело на уметникот со прилепско потекло, Рубенс Корубин – основоположник на нео – романтизмот во светски рамки и постхумно за  фубалерот Јове Магдески, за особен придонес за фудбалот во Прилеп.

Добитници на плакети 3-ти Ноември се компанијата Микросам за 35 годишнината од подемот и за освојување на новите технологии, потоа за театарот “Војдан Чернодрински” за 75 годишнината од постоењето.Со плакети ќе се закитат и невладината организација “Ханд Тилл Ханд’’” од Шведска за хуманиот и општествен ангажман во здравствената заштита, како и Интеракт клуб од гимназијата “Мирче Ацев” за ентузијазмот, солидарноста и хуманоста. Уште една невладина асоцијација е носител на плакета, а тоа извидничкиот одред Феникс за 10 години од постоењето.

Дипломите 3-ти Ноември отидоа во рацете на новинарката Елизабета Митреска за придонес во новинарството, на поетот Петре Кироваков за  активистите во Здружението на протераните Македонци од Егејскиот дел на  Македонија, на д-р Биљана Консулоска Гвероска, автор на научни публикации за земјоделството, агро екологијата и тутунопроизводството и на Владимир Ѓорѓиески, репрезентативец на Македонија во билијард.

Признанијата ќе се доделат на свечената седница на општинскиот совет на 3. ноември во ЦК “Марко Цепенков”.

Loading