Трети ноември – ден на конечното ослободување на Прилеп
Прилеп, градот првоборец и херој во текот на 1944 година на двапати беше ослободуван. Првпат на 9-ти септември, слобода која траеше десет дена. Но, Германците повторно успеаа да го освојат. Второто и конечно ослободување е на 3-ноември.
Трети ноември пред 81 години стана светол ден за прилепчани и за целиот македонски народ, бидејќи се остварија вековните идеали на народот за слобода. Денес со гордост прилепчани го одбележуваат овој ден како значаен празник.
Слободата пред повеќе од осум децении ја донесоа борците на 41-та и 42-та дивизија на НОВ на Македонија. Во борбените активностите, како што пишува во книгата за ослободувањето на Прилеп, учествувале и Петтата македонска народноослободителна бригада – прилепска, 10-та бригада, 9-та бригада, 11-та и 7-та бригада, кои смело јуришале од сите правци кон градот, каде имало стационирано голема армија на Германците кои се повлекувале од фронтовите од Грција.
– Германците стационираа големи сили кај Институтот за тутун, кај Плетварско џаде, кон Кукул и кон Гробиштата. Борбените дејствија почнаа на 28/29 октомври и траеа до 3 ноември. Во шестдневните борби херојски гинеа борци. Своите животи ги загубија 230 борци – сведочат во книгата преживеани напаѓачи на градот.
Јуначките борби засекогаш остануваат славни На загинатите им се оддава достојна почит, зашто хероите паднале на олтарот на слободата на Прилеп.
Споменик на ослободителите
– Пред конечното ослободување, го нападнавме Институтот за тутун. Две чети слегоа кај сегашните гробишта, додека Германците со митралезите го ораа ридот. А ние бевме без муниција ноќта. Дури и полната месечина стана непријател. Ја осветли темнината и загубивме третина од четата. Продолжија пукотници, дури со минофрлачи. Имаше загинати. За нив е подигнат споменикот на ослободителите кај месноста Песјобрдце. Следниот ден добивме муниција и го ослободивме градот. Граѓаните нé пречекаа со песни, знамиња. насмевки и прегратки, како херои – сведочеше еден од преживеаните партизани.
![]()

