Детската публика е искрена

Кире Миладиноски, режисер на наградената претстава Малата сирена

Претставата “Малата сирена” на студиото Зодијак, во режија на Кире Миладиноски се закити со  наградата за најдобра претстава на годинашниот Драмски аматерски фестивал во Кочани. Според Миладиноски, наградата има особено значење, затоа што детската публика е најискрената и најчистата.

– Кога ќе успееш да го задржиш вниманието, смеата и љубопитноста на децата, тогаш си направил нешто вистинско. Признанието е потврда дека трудот на целиот тим, љубовта и посветеноста допреле до најмладитеи. Тоа е најголемата награда. Како што и некој од децата истакна на социјалните мрежи, процесот е доста важен, а јас, како капетан на ова мало бротче, кое пловеше до Кочани, успеав да ги одведам во една нова авантура, за која некои не веруваа дека ќе роди успех. Ова е признание за целиот труд, посветеноста и љубовта вложени во танцот и воопшто во изведбените уметности. Свесноста за креативните индустрии и квалитетната содржина која се нуди во Прилеп, е под задоволителното ниво. Потребно е добра стратегија и успешно менаџирање со институциите која засега недостасува. За нас во Зодијак, наградата не е само трофеј, туку напротив, потврда дека упорноста, тимскиот дух и страста со која работиме се препознаени и вреднувани. Ова е поттик да продолжиме да создаваме, да растеме и да ги инспирираме младите изведувачи да веруваат во себе и во уметноста што ја носат, да творат и да создаваат дела што ќе останат во аманет за идните генерации – објаснува Миладиноски, кој долги години го раководи танц студиото Зодијак.

Loading