ДЕЈАН ПРОДАНОСКИ ОФИЦИЈАЛНО ЈА ПРЕЗЕДЕ ФУНКЦИЈАТА ГРАДОНАЧАЛНИК

Врачени уверенијата на новоизбраниот градоначалник и советниците

Новоизбраниот градоначалник, Дејан Проданоски во наредните 4 години ќе го раководи градот, овозможувајќи просперитет за сите граѓани. Заедно со  27-те советници ќе носат одлуки во интерес на прилепчани. По официјалното врачување на уверенијата од страна на ОИК, на 29 октомври, примопредавањето на градоначалничката функција се изврши во Кабинетот каде го наследи досегашниот градоначалник Борче Јовчески.

– Се надевам, без лажна скромност дека резултатите кои што следат во овие следни 4 години ќе бидат подобри за сите нас, за сите граѓани. Очекувајте многу работа во интерес на сите. Мораме да се издигнеме над ситуацијата, градоначалникот е биран од сите граѓани, благодарам за довербата на оние кои што гласаа, благодарам за лекцијата која што ни ја одржаа граѓаните дека навистина треба да се поправа довербата што политичарите ја имаат и верувам дека во овој 4-годишен мандат ќе направиме се’ што можеме – ЛС да работи само и само во интерес на прилепчани – изјави Дејан Проданоски, нов градоначалник на Прилеп.

Досегашен градоначалник Борче Јовчески, му посака успешна и плодна работа во наредниот мандат на неговиот наследник.

– Започнатите проекти успешно да ги дозаврши, но во исто време да биде опсипан и со нови проекти, бидејќи Прилеп заслужува да зачекори по патот кон европските стандарди, и навистина со помош на Владата, имаме поле за развој, така што Прилеп ќе биде презентиран како една од најуспешните општини – рече Борче Јовчески.

И 27-те советници ги добија решенијата за избор легитимиран од граѓаните за следниот 4 годишен мандате.

Советници во Советот на Општина Прилеп:

Од 27 советници, мнозинство се советниците од ВМРО – ДМПНЕ и коалицијата со 17 мандати: Билјана Кржеска, Златко Рикалоски, Димитар Иваноски, Билјана Петкоска, Михајло Божиноски, Христијан Тунески, Игор Николоски, Наташа Мрческа, Ице Дамчески, Елеонора Костоска – Јованоска, Владо Чакароски, Билјана Ристеска, Дарко Андреески, Александар Милески, Алмир Сулејманоски, Кети Јанчески и Елена Крстеска. Шест советници има СДСМ и коалицијата: Драгица Николовска, Филип Секулоски, Александар Китаноски, Стеван Талески, Сузана Дарковска и Сенат Шабановски. Тројца се од Левица: Методија Костоски, Жарко Стеваноски и Катерина Пузеска.  Движењето  ЗНАМ има еден советник – Мирјана Стеваноска.

Loading