Атанас Јакимоски – Танзио
За Атанас Јакимоски – Танзио се знае дека е пензиониран возач од претпријатието “Пелагонија турист”. Ги превезувал фудбалските екипи, се дружел и комуницирал со раководствата, тренерите и играчите. Но, треба да се знае дека прави нешто необично и долготрајно. Шест-седум децении ги бележи резултатите на Победа. Во бележниците му е евидентирана и старата Победа и новата Победа. Запишани се резултатите и од Републичката лига на Македонија во рамките на СФР Југославија, резултатите од Втората лига на Југославија, од Третата лига на Југославија, но и сите постигнати во самостојна Македонија, меѓународните. По 2010 година запишана е и оваа, нова Победа, без разлика дали е во третолигашки, второлигашки или прволигашки ранг.

– Бележам од средината на минатиот век. Не престанувам до ден-денешен. Минаа многу генерации. И кога играа Малинков и Клашев и кога дресот на Победа го носеше сегашниот македонски селектор Боби Милевски… Се снаоѓав дури и во војска, во Мостар и Титоград. Во Мостар дојде Томе Јакимовски – Гец, тогаш член на скопски Вардар. Победа беше во Четврта зона на Југославија- кажува Јакимоски.

Танзио ги бележел резултатите и во Четврта зона на Југославија. Тоа е враќање многу далеку во времето, во педесеттите години од минатиот век. Тогаш Јакимоски бил мошне млад, во тинејџерски години. Оттогаш наваму, како многу прилепчани, не пропуштал ниеден фудбалски меч. Не само што гледал, туку и запишувал.
– Оттогаш ги собирам и бележам сите резултати каде што настапува Победа. Сега е потешко, отколку некогаш. Порано објавуваа по радио или телевизија, сега, не. Морам да се јавувам преку мобилен телефон. И актуелната табела не ја пропуштам. Ја препишувам од весници. Последниве 17 години, ја препишувам од вашиов весник Зенит, во петок.

Нема дилеми дека се работи за “борина”. Тоа е прилепчанец кој не може ни минута без својата Победа. Не може ниту да не ги бележи резултатите. Сега секоја сабота по завршувањето на второлигашкото коло сите резултати ги добива телефонски, брзо и точно. Дури и резултатите на мечевите кога Победа игра дома, во Прилеп. Така е, затоа што Атанас Танзио некое време не оди на стадионот, не ги гледа мечевите. Веројатно се разочара од скромните и слаби резултати. Но, сé има свој крај, така и лошите резултати. На претходните два меча Победа дома против виничка Слога и на гости со струмичка Беласица постигна две победи, со дадени 5 гола, примен само 1, така што успесите го враќаат меѓу гледачите на стадионот.

– Беше тешко, но еве се успеа. На Градскиот стадион не сум бил одамна, од времето кога Победа се врати да игра таму, а претходно играше кај Могилата. Редовен бев на Могила. Пак се враќам со Шкендија од Арачиново. Овој тим и Брегалница штипска се силни и дома и на гости. Затоа ќе биде вреден секој позитивен резултат. В сабота ќе има многу публика. И меѓу неа и јас ќе го заземам местото во средината од трибината, како порано. Името на гостинот, Шкендија, е доволен предизвик за гледачите. Се враќаат на трибината по неколку години -п најавува Атанас Јакимоски – Танзио.
![]()

