Чешме е шармантно одморалиште на западниот брег на Турција. Познато е по прекрасните плажи, тиркизни води и топлите извори. Сликовитиот град нуди совршена мешавина на историски места, луксузни хотели и автентична турска кујна. Место, како родено за одмор и уживање. Во атракциите се и спортовите на вода и истражувањата на историските локалитети, како тврдината и живописното централно јадро. Идеална дестинација за тивок и луксузен престој на брегот на Егејот.

Со околу 48 илјади жители, се наоѓа во близина на Измир. До 1922 година мнозинство било грчкото население. Со размена со Грција, градот го населиле грчки муслимани. Чешме станал град со турско население. Во византискиот период бил познат како Крини, а после освојувањето од Турците градот бил наречен Чешме. Стариот сјај бил вратен уште од 19 век со производството на вино и на мастика. Во 20 век станува туристичко место. Добива нова димензија на сезонско летувалише. Во околината, природата дала термални бањи што ја “крева” цената и популарноста. Климата е пријатна. Лете температурите се повисоки.

Има што да се види. Откривањето на градот тргнува од марината. Таму е стокмено уредено пристаниште. Со прошетка крај морето, на ривиерата, се стигнува до тврдината – музеј. Реконструирана е. Внатре може да се препознае историјата и културата на овој предел. Од височината се отвора прекрасен поглед на морето. Попладне кристалните води се прелеваат во различни нијанси на спектарот на бои. Во центарот пречекува главната улица со бројни продавници, конак, базар и други продавници за сувенири и уметнички творби. Видлив е зачуваниот автентичен изглед не само на калдрмисанаитеулици, туку и на продавниците. Прекрсни се ноќите во Чешме. Сé блеска со илјданиците светилки.

Блиску, на десетина километри, е Алачати. Тоа е мало и интересно одморалиште. Шармира со првиот “допир”. Камените куќи со шарени прозорци и цвеќиња, калдрмисани тесни улички се празник за очите. Местото е мирно за луѓето кои бараат тишина од градската врева. Плени со архитектурата, со пријатна атмосфера и со најубавиот турски сладолед. Да не се прескокнат и ветерниците, џамијата, која била црква. Низ тесните сокачиња, во рестораните се нуди гурманска ориентална храна. Уличињата се тесни од масите и столиците Се чувствува духот на градот од 15 век. Видлива е разликата на објектите од грчкиот и турскиот период.

Балконите се обоени во бледо сина боја или светло виолетова. Од 2005 година, Алачати е прогласен за историско место. Тука живеел романописецот Мехмет Џулума. Воодушевуваат продавниците, претежно со златен накит. На пролет е домаќин на готвачи и гурмани на фестивалот на вкусовите. Се презентираат традиционалните рецепти, кои одумираат во различните региони.
Текст и фото Каролина Мицевска
![]()

