Притвор за 6 и претпазливост за 19 лица

Сомнежи за злоупотреби во болницата

За случајот со прилепската болница, обвинителството бара притвор за 6 и мерки претпазливост за 19 лица. Осомничени се 7 правни лица од Прилеп, Битола, Скопје за кои има предлог за изрекување забрана за учество во постапки за јавни набавки.

Според првичните информации под лупа се над 32 правни и физички лица. Истрагата опфаќа повеќемина, вклучувајќи  раководители осомничени за злоупотреби со јавните набавки за околу 700 илјади евра.

Повеќе од 19 лица беа приведени во полицијата откако заврши контролата на финансиската полиција во болницата. Се товарат за злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство и проневера во службата. Има сомнежи за несовесно работење, злоупотреба на службена положба и овластување, фалсификување или уништување деловни книги и други кривични дела за дел кои обвинителството ги испитува. Осомничените, како соизвршители, учествувале свесно и ги повредувале прописите за јавни набавки во болницата со намера за себе или за друг да остварат значителна имотна корист, односно да предизвикаат значителна имотна штета на болницата, што е поткрепено и со наоди од извештај на Државниот завод за ревизија.

Осомничени се поранешната директорка, раководители и други вработени на болницата, но и управители на осомничени правни лица, преку постапки за јавни набавки за сервис на моторни возила, чистење на работните простории, сервис на водоводна мрежа, молерофарбарски услуги, физичко обезбедување, реконструкција на инфективното одделение, односно преку неизвршување на договорните обврски и незаконски промени на налози за исплата, предизвикале штета на болницата од околу 700 илјади евра.

Според обвинителството, од април имало предистрага, поради сомнежи за злоупотреба на службена положба и овластување. Биле извршени претреси на 8 локации во Прилеп.

Набрзо по преземањето на функцијата, директорот на болницата, Кире Јоноски лани во повеќе наврати изјавуваќше дека биле забележани неправилности во финансиското работење, при што наследил долг  од над три милиони евра.

Loading