Поминаа неколку седмици. Богдан се покажа сосема дискретен “потстанар”. Излегуваше рано наутро и се враќаше доцна во ноќта, кога Џенифер веќе беше легната да спие. Не направи никаков неред во станот, во бањата. Кога ќе го употребеше тушот, потоа совесно чисеше секакви траги. Девојката беше пријатно изненадена од културното постапување на човек за кого знаеше дека во Чикаго се дружел со гангстери. Неколкупати приквечер се сретнуваа во апартаментот. Покрај филџан со кафе, подолго разговораа. Џенифер мораше си признапред себе дека присуството на братот од покојниот Темо не í беше непријатно. Се чувствуваше позаштитена со маж во станот. Со човек близок со убиениот, донекаде í беше исполнета големата празнина оставена од покојниот.
Една вечер, кон крајот од летото, кога девојката се врати од работа, го најде Богдан седнат во една од фотелјите од салонот. После разменетите поздрави, кога Џенифер седна наспороти “потстанарот”, овој í соопшти:
– Утре си одам.
– Зошто? Зар не успеавте да ги најдете убијците на Темо?
– Ги пронајдов, и затоа ќе си одам.
– Ги предадовте на полицијата?
– Не, одговори кратко Богдан.
– Зар без казна…, почна Џенифер, па се сети на нивниот разговор од првата вечер кога дојде кај неа братот од Темо: Да не ги… сакам да кажам, се сеќавам на онаа македонска поговорка, “Кој тепа со нож, ќе умре од нож”…
– Подобро е да не ме испитувате понатаму, Џенифер.
– Колкумина беа?
– Тројца.
– Ами полицијата ќе врши истрага, ќе ме испитуваат можеби и мене…
– Зошто, Џенифер? Нема леш – нема убиен.
– Значи нема да ги најдат нивните… траги.
– Ништо нема да најдат. Можеме да преминеме на друга тема, рече малку нетрпливо Богдан.
– Утре е недела, останете, можеме да отидеме некаде во природата. Ќе си отидете в понеделник.
– Добро – се согласи Богдан.
Времето беше убаво, а и местото за пикникот на периферијата од градот беше добро избрано. Разговараа за сé и сешто. Во еден момент Богдан рече:
– Џенифер, ќе ви оставам една адреса на која ќе можете да ме контактирате во секое време, или ќе ми оставите порака, па ќе веи се јавам. Сакам да ви помагам, нарочно кога ќе се роди детето. Тоа ми е должност и како брат на покојниот Темо. И спрема вас, која сте се борела без родители во животот и сте успеале да останете сериозна девојка да стекнете професија да си го вадите секојдневниот леб.
– Зошто сакате да се вратите во Чикаго? Зар не е подобро да тргнете по друг пат, да го оставите за секогаш минатото. Овде сте далеку од Чикаго, никој не ве познава, без проблем ќе можете да почнете нов живот.
– Размислував за таа алтернатива. Признавам дека сум во искушение да постапам како што ми сугерирате. Ми дојде и една друга идеја, но се плашам да ви ја изложам, за да не ве шокирам…
– Кажете? Ако ме шокира, нема да умрам – се насмевна бледо Џенифер.
– Не би било првпат, брат кој останал жив, било како војник или во други ситуации, да ја земе за жена сопругата од братот кој загинал. На тој начин и таа да се удоми, а и децата да имаат татко. Што мислите, Џенифер? Отворено признавам дека неколкуте минати седмици заедно, видов каква сте, која сте и што сте. Осетив и е подлабоко чувство спрема вас. Доколку се согласувате, ќе бидам среќен да ве земам за жена. Ако сакате да размислите до утре, размислете.
Девојката се загледа некаде далеку во зеленилото, се замисли, ја наведна главата, потоа ги насочи очите во оние од Богдан:
– Природно, под истиот покрив, ве набљудував. Гледајќи како постапувате, не можев да си претставам дека човек како вас може да биде замешан со лошо друштво. Впрочем, како што реков, никогаш не е доцна во животот од еден човек. Ако сте решиле тврдо да тргнете по друг пат, никој од вашите поранешни врски повеќе да не чуе ништо за вас, нити каде сте, со кого сте, што правите, мислам дека најдоброто решение и за вас, и за детето, и за мене ќе биде да станеме маж и жена.
Богдан и ја подаде раката, Џенифер ја прими таа силна рака и останаа молчејќи. Рака за рака низ шепотењето на ветерот, низ лисјето од дрвјата околу.
(продолжува)
![]()

