“…Дојди, во овие небески виделини
заедно ќе пливаме
и сон ќе сонуваме
рузмарин ќе мирисаме
во моите или твоите
небески виделини…”.
Ова е дел од стиховите на последната збирка “Небесни виделини” на Менче Кадинец, член на Клубот на литературни творци – Прилеп. Објавени се над 70 песни со темите љубовта, семејните врски, животните искуства и вербата во Бога.
Според Марина Огненова, песните се длабоко рефлексивни, нудејќи увид во сложеноста на човечките односи и безбројните емоции што ги придружуваат.
– Преку живописните слики на љубовта во различни форми – од нежни врски меѓу родителите и децата, до длабоките врски создадени меѓу поединците. Преку маестрална употреба на јазикот и сликите, авторката со секоја песна поканува на интроспекцијата и емоционалната резонанца, да тргнат на патување на самоотркивање и духовно размислување – вели Огненова.
Кадинец, иако по професија лекар во пензија, многу години пишува поезија. Потпис ставила на три книги, една раскази и книгата со детски песнички.
![]()

