Не случајно, туку сигурно знам дека таткото е мојот покоен пријател со кого имавме намера да се земеме.
– И како се викаше покојниот љубовник?
– Темо Славеф.
– А другите љубовници…?
– Не сум девојка која оди со повеќе мажи! – се осмели Џенифер да одговори со агресивен тон, заборавајќи го пиштолот и смртта што набрзо ќе ја снајде.
– Од што почина несудениот свршеник и иден сопруг?
– Вие подобро знаете – одговори со омраза девојката.
– Зошто би требало тоа подобро да знам?
– Сигурно вие сте еден од оние со кои се скарал, па го убија со ножови на улица. Го убијаа без причина.
Солзи почнаа да извираат од очите на Џенифе. И се стркалаа по образите. Неканетиот гостин полека го одвинти пригушувачот за звук од пиштолот. За миг опасните предмети исчезнаа од неговиот костум.
– Да се претставам. Јас сум братот од Темо. Пристигнав од Чикаго да испитам кој и зошто го убил брат ми. Раскажете ми сé што знаете околу убиството.
– Ах, вие сте Богдан!, извикна Џенифер.
– Да, јас сум краставата овца од фамилијата Славефци.
– Не сакав тоа да го речам, забележа девојката со тон како да моли за извинување.
– Јас сум фамозниот Богдан, кој не го бараше брата си Темо да не го впушти во опасни противзаконски работи. Покрај тоа, се сакавме со брат ми. Крвта не е вода. Имам голема желба да ги најдам убијците. Ќе ми помогнете ли?
– За жал, не можам многу да помогнам, иако и сакам криминалците да бидат пронајдени и казнети. Темо после извесно време откога се запознавме, го напушти станот. Дојде овде да живееме заедно. Се спремавме да се венчаме. Знам дека за таа наша намера ви пиша писмо. Една вечер дојде полицијата и ме информира дека Темо бил убиен со нож од непознати лица кои задевале на улица некоја минувачка. Тој застанал да ја заштити. Ме викнаа во мртовечницата да го идентификувам. Кога го видов, паднав во несвест. Го издупиле десетина пати со ножови.
Овој пат Џенифер не се расплака, но лицето í беше побелено како со вар. Јасно кажуваше колку í се тешки тие неодамнешни драматични спомени.
Богдан, наизглед флегматичен, спокојно изговори:
– Нашите сега покојни родители меѓу другите народни бисери што ги донесле од нивната родна Македонија, кажуваа дека таму нашиот народ велел: Кој како прај, така ќе си нај. Кој тепа со нож, ќе умри од нож. Со брат ми, Бог да го прости!, бевме многу различни. Тој заврши факултет, беше крајно чесен, секогаш спремен да им помага на луѓето во неволја. Не знаеше да се брани. И загина од рацете на улични насилници. За разлика од него, јас избрав друг пат во животот.
– Никогаш не е доцна да се избере нов пат, да се дојде до добро решение…, си дозволи да речи Џенифер.
– Мислите?
– Тврдо сум убедена дека не е никогаш доцна во животот од еден човек.
– Кога дознав за неговата смрт, беше веќе закопан. Каде го погребавте, сакам да му појдам на гробот?
– Еднаш ми рече дека сакал да биде изгорен после неговата смрт. Така постапив. Урната со неговата пепел ја чувам во станов. Ќе ви ја покажам. Темо многу ве сакаше. Жалеше што не сте поблиску да се гледате често. Дури мислеше да ви помогне, да најдете овде добра работа и да запознаете девојка од неговото друштво. За вас велеше дека иако не сте завршиле високи школи, сте читале многу книги. Од вашиот начин на зборување гледам дека навистина е така.
– Дали ќе ми помогнете, Џенифер, да ги пронајдам неговите убијци?
– Да, но како?
– Едноставно, не сакам градов да дознае дека сум дојден. Добро би било ако имате место во станов, да ме примите додека истражувам, да не одам по хотели. Знам, за девојка, каква што сте вие, не е пријатно да прими непознат маж во станот. Ветувам дека ќе се однесувам коректно. Ќе бидам дискретен, нема да ви пречам.
Џенифер се поколеба малку, па реши:
– Добро, ќе спиете во малата соба, оти во поголемата имам многу мои работи, потребни да ги барам во секое време. Ќе треба да внимавате да не ве забележат соседите.
– Знам, секако ќе се кријам, оти потребно е да не се знае дека братот од Темо дошол од Чикаго.
(продолжува)
![]()

