50 ГОДИНИ МАКЕДОНИСТИКА ВО МОСКВА

На 14 октомври преку меѓународна научна конференција се одбележа големиот јубилеј 50 години од отворањето на Лекторатот по македонски јазик на Катедрата за словенска филологија на Филолошкиот факултет при Московскиот државен универзитет „Ломоносов” во Руската Федерација.

Меѓународната научна конференција “Македонскиот јазик, литература и култура во словенски и балкански контекст” ја организира Катедрата за словенска филологија на Филолошкиот факултет при Московскиот државен универзитет „Ломоносов” и се одржа на далечина. На конференцијата пригодни обраќања имаа деканот на Филолошкиот факултет при Московскиот државен универзитет „Ломоносов”, проф. А. Липгарт, рускиот амбасадор во Македонија, Сергеј Баздникин, како и македонскиот амбасадор во Руската Федерацијата, Ненад Колев. Свои излагања имаа еминентни македонисти од земјава и странство.

Лекторатот по македонски јазик на Филолошкиот факултет при Московскиот државен универзитет „Ломоносов” постои од 1975 година, а од 1967 година македонски јазик бил застапен во наставата како изборен предмет за русисти и слависти. Наставата ја одржувала проф. д-р Рина Усикова. Денес на Лекторатот по македонски јазик предаваат проф. д-р Ала Шешкен и проф. д-р Елена Верижникова, а македонскиот јазик, литература и култура се изучуваат на врвно ниво.

Од 1975 година Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје континуирано делегира лектори по македонски јазик. Лекторот по македонски јазик на МСМЈЛК при УКИМ работи со студентите на теми од граматиката и литературата, а негова цел е и да ја афирмира и да им ја доближи на студентите древната македонска култура.

Досега се дипломирани десет генерации македонисти. Од минатата, учебната 2024/2025 година, паралелно функционираат две групи – едната на додипломски студии, а другата на постдипломски студии.

Веќе 2 години лектор по македонистика на Лекторатот е м-р Христина Ангелеска – Мијоска.

Loading