Колекција на слободарска традиција

Меморијален музеј “11 Октомври 1941”

Вечерта беше студена, со полна месечина. Борко и Тарцан им ги објаснија задачите… Партизаните Аспарух Јосифоски, Душко Наумоски, Блаже Спиркоски, Милан Димоски и Драган Спиркоски ја нападнаа бугарската полициска станица (Участакот) на 11.10.1941 година.

Со тој херојски напад почна НОБ на македонскиот народ. Зградата на Участакот прерасна во “Меморијален музеј 11 Октомври 1941”.   

Участакот во 1921 година бил интернат од Гимназијата и Учителската школа, а за време на окупацијата станала бугарска полициска станица (1941-1944). Сега е Меморијален музеј, во кој се остварува жив и близок контакт со поновата историја и со најсветлиот датум – 11 Октомври 1941 година.

Зградата е двокатна со приземје и кат во центарот. На приземјето е затворската ќелија, а на катот скромен балкон со ограда од ковано железо.

Првата поставката е од 1961 година, преуредена и дополнета е во 1971, 1983 и во 2013 година. Во витрините се поместени фотографии, документи, карти, скици, предмети, партизанска опрема и други експонати со придружните текстови, прикажувајќи ги хронолошки историските настани во Прилеп, со акцент на 11 Октомври 1941 година..

За празникот луѓето се интересираат за историските настани. Прашуваат за зачуваните документи, слики, кои сведочат за македонскиот непокор и нападот. Во дел се сликите на борците кои го нападнаа Участакот. Го има и Прилеп до 1940 година, преродбенското движење, илинденскиот период, балканските војни, Првата Светска војна и периодот меѓу двете Светски војни.

Постојат слики со оргиналниот бугарски полициски участак пред кој има дрвено мовче на Дабничка река. Во музејот зачуван е списокот на 154 прилепски борци, носители на партизанска споменица 1941, како и указите за прогласување на 15-те народни херои од градов.

11 Октомври – зародиш на слободата

Продолжување на револуционерните традиции на Илинденското востание бил херојскиот напад на бугарската полициска станица (Участакот) на 10 октомври 1941 година кога почнала вооружената народно ослободителната борба на македонскиот народ против фашистичкиот окупатор. Нападнати биле и затворот и се прекинале телефонско-телеграфските врски.

На 10 октомври, Душко Наумоски, еден од напаѓачите од трите групи, го истрелал првиот куршум, убивајќи го чуварот на бугарската полициска станица. Тој бил еден од одредот “Гоце Делчев” со 36 борци, означувајќи го почетокот на оруженото востание.

ПРИЛЕП ДАДЕ 650 ЖРТВИ

Прилеп во НОБ дал 8.000 учесници во НОБ, од кои 2.700 директно со оружје в рака. Прилеп дал и 650 жртви, од кои 15 се прогласени за народни херои, а 154 се носители на Партизанска споменица, меѓу кои и 33 жени. На 7. мај 1975 година, Претседателот СФРЈ, Маршалот Јосип Броз Тито, на Прилеп му го доделил орденот ,Народен херој, чија реплика во мермер беше вратена во музејот. 

Светилиште е Могилата

Примарна грижа на градот е чување и бранење на спомениците и традицијата од НОБ. Монументот, Паркот на револуција, Могилата на непобедените и Алејата на народните херои се светилиште кое се негува како храмовите. Нема место за бездејственост, оти  дел од Македонија е во Могилата на непобедените.

Loading