Захаринка Милосављевиќ – пејачка
Како и да ја наречете, Захаринка, Захарица или Заче Милосављевиќ, или Вртаница по прилепски, таа е “музика”, познаник и пријател. Пејачката на народни песни со своите 82 години уште живее со народните обичаи, со изворната музика – градската, староградската, чалгијата, народниот оркестар, оро, гатанки, поговорки. Од 14 години ја негува песната. Пее како “славеј”.
– Како да се родив со песната. Пеам откако знам за себе. Сефте настапив пред микрофонот на Радио Прилеп. Гога Зафироски, препознатливиот спикер на Радиото, ме прими со воодушевување. Прилепчани, ги маѓепсав со песната, со гласот, зашто пеев во живо – вели Заче.
Минатото е скудно со фестивали. Не се експонираше, оти опсесија, страст, задоволство и е изворната песна.

– Со првите музички чекори заедно растеме со прилепскиот мелос. Песни учев од баба ми Марија, мајка ми Љуба, тетките… Баба ми преубаво пееше. Ми всади чувство за песна – рече Захарија.
“Рачај чупе, ти порачувај”, “Петкано, бела Вардарке”, “На столче седам, писмо пишувам”и многубројни песни од 155 снимени за Македонското радио се разлеале од грлото на Заче. Повеќето соло, а другите во дует со Блага, Борче и Круме Спасоски. Добриот пеач треба да го развива дарот од Бога – певливиот глас. Со тоа располага во изобилство прекалената пеачка. Нејзиниот глас ќе допре и ќе го затрепери најзакоравеното срце.

Пеев квалитетни и одбрани песни
Комуникативна и со богат речник, многу живописно доловува моменти од животот минат со поддршка од фамилијата. Во еден здив, и со леснотија, како да пее.
Скоро 60 години е во Скопје, каде запеала и забавни песни. Но, изворната и залегнала на срцето.
Била музички новинар кој сега е во пензија. Професијата í помогнала да биде во постојан допир со музиката. Во Македонското радио работела 33 години.
– Не се дружам професионално со пеачите. Со моиве години не пеам, иако своевремено сум пробала и новокомпонирани. Текстописец не сум. Сакам текстови, втемелени на поезија, од која тргнува сé. На песната да í се даде душа и да биде хармонична со музиката. На срце ми е песната “Дојди мило, дојди љуби ме”. Една од ретките песни, која ја напишав за мојот сопруг Ненад, кој е пензиониран актер во Драмски театар во Скопје – кажува Захаринка Милосављевиќ.
Како школувана за музика била учителка шест години, во Прилеп, а кусо и актерка. Долго, музички новинар. Повеќе од 10 години беше уметнички директор на Долненскиот фестивал.
– Желба ми е да остане жива изворната песна, да се собери живата материја, да се сочува традиционалното, да се облагороди, И да не заскита некаде, туку да се “фати” вистинскиот пат – објаснува Захарија.
Копнеам по Прилеп
Носталгијата по Прилеп ја задоволува. Порано често доаѓаше во родниот град. Со годините ретко.
– Носталгична жена сум. Го сакам Прилеп, посебно древниот. Ме потсетува на младоста, на убаво време, на радост, дружба. Градот сега е заличен, но ја нема онаа душа од некогаш. Копнеам по времето кога бев дел од Старата чаршија, маалата… Денес, младите живеат во подобри услови. Некогаш, и тие ќе имаат носталгија кон ова време. Споменот драг на едно време, и за луѓето кои ги знаевме од некогаш, ќе остане во срцето – смета Заче.
Во пензија, откако ги израсти внуците, среќа í е убавина.
– Со внуците откривав нов свет. Пораснаа, а кога беа мали ги учев народни песнички. Успевавме да ги поврзиме новите технологии со изворното. Се радувам што ретки млади достојно, со срце и душа, ја негуваат нашата песна на долненскиот фестивал. Таму се создаваат и образоваат етно пеачи и свирачи со талент за изворна музика – заклучува Захаринка Милосављевиќ.
![]()

