Концерт на Танец
Под мотото “Ритамот на душата, бојата на традицијата” на 9 октомври од 19.30 часот во големата сала од ЦК “Марко Цепенков” ќе се одржи концерт на ансамблот Танец, кој годинава одбележува 76 години и е македонски код.
Влезниците се во продажба на билетарницата секој работен ден од 10 до 13 ч. и во сабота од 11 до 14 часот.
Седум ипол децении, Танец пулсира во ритам со македонскиот фолклор. Тој е амблем на нашата традиција, чувар на културната меморија, жив симбол на народната душа, амбасадор без зборови, кој со танц, песна и носија ја раскажува македонската приказна пред очите на светот. Низ чекорите го носи ехото на вековите. Уникатните носии не се само облека, туку се живи документи, везени со историја, емоција и идентитет. Секој конец е сведоштво, секој дезен е порака. Наследство кое, како што се везе шема на платно, така се везе и во колективната потсвест на секој Македонец.
Танец е основан во 1949 година со указ од тогашната влада поради длабоката исконска потреба да се зачува она што сме. Со децении расте, се развива, гради репертоар што станува златна антологија на македонското народно творештво, од длабокото и моќно “Тешкото”, до разиграното “Чифте Чамче”, од “Комитското” јунаштво до нежноста на “Невестинското”.
Танец е национална гордост, мост меѓу генерации, меѓу татковината и македонската емиграција. Преку својата културна мисија, го чува пламенот на традицијата, дури и таму каде што таа е далечен спомен.
![]()

