Во соработка со Националната галерија на Македонија, под кураторство на Горанчо Ѓоргиевски и Министерство за култура и туризам, во македонскиот културно информативен центар во Тирана беше отворена изложба на дела од големиот македонски и прилепски сликар Кирил Гегоски. Тој се претставува со пресек на 50 – годишно творештво, пренесувајќи ја естетиката и радоста на создадените дела.
– Творештвото на Гегоски од најраните дела па до денес, се одликува со минимализам и редуцирана симболика, префинет вокабулар и отсуство на непотребни детали во третманот на сликата. Уметничкиот израз е исполиран до последниот детал, што може да се сфати како производ на воздржаниот, но софистициран фокус на авторот за потенцирање на суштината на нештата, беспрекорната реализација, а пред сé, извонредното чувство и познавање на својствата на материјалите што ги користи – велат од Националната галерија на Македонија.
Кирил Гегоски, роден прилепчанец, завршил училиште за применета уметност во Скопје во 1964 година. Член е на ДЛУМ и на ДЛУП. Користел сојузна стипендија за студиски престој во Париз. Ппатувања имал во Италија, Грција, СССР, Франција, Полска. Излагал самостојни во земјава и во странство. Добитник е на многу награди, меѓу кои и наградата за животно дело на Прилеп.
![]()

