Откако дојаде, старецот стана. Ја наполни печката со последните цепенници од сандакот, оти резервите беа во една просторија во приземјето. Не употребуваше јаглен од страв да не се задуши со јагленовиот моноксид.
Завика пак по жена му: Гено, Гено! Не добивајќи одговор, се упати со претпазливи чекори кон спалната на својата децениска придружничка, велејќи гласно: Какво ѓубре, како обично вака ми причинува психички страдања, се разонодува!
Кога ја отвори вратата, осети како ледениот воздух го удира по лицето. Го стегна посилно кебето со кое се завитка од главата до колениците. Со допирање го најде на ѕидот прекинувачот од таванската ламба. Силна, но тажна светлина ја поплави просторијата. И рече на жена си: Ајде, станувај да ми помогнеш да си ја облечам пижамата. Сакам да спијам. Треба и да се сменат чаршавите, оти попладнето се измочав, спиејќи.
Жената тврдоглаво молчеше. Се приближи до креветот. Лицето на Гена беше откриено, покрај ниската температура во собата.
– Ова е да ме провоцира – рече старецот со свитканиот рбет од староста. Погледна подобро. Долната вилица од Гена беше обесена, очите отворени, лицето цијанозирано. Даре беше интелектуалец. Во животот видел многу мртовци. Веднаш разбра дека неговата сопруга беше мртва. Почна да вика со слабиот старски глас.
– Помош! Помош!
Викајќи, ја напушти спалнат. Се стрча низ салонот, чувствувајќи ја промената на температурата од пампурот. Ја отвори за внатрешните скали за приземјето и се упати со малечки забрзани чекори кон вратата од балконот, која останала широко отворена и низ која влегуваа јуришите на северниот ветер и ситен снег. Немаше телефон да повика некого. Син му со години му предлагаше да инсталира, велејќи дека ќе ги плати трошоците. Ама Даре, само заради задоволството да му се спротивставува, го одби. Го испушти кебето во кое беше завиткан. Ја зграпчи вратата и почна да вика низ ноќта: – На помош! На помош!
Ветерот ги задуши повикот. Сфати, најпосле, дека тоа не му служеше за ништо. Кебето, однесено од силниот ветер, почна да се повлекува кон дневната соба. Се спрепна на прагот, иако овој беше тенок, и се спружи на паркетот. Дали го чу крцнувањето на скршената коска? Не беше сигурен. Но наскоро разбра беше дека веројатно си ја исчашил левата нога. Не можеше повеќе да стане. Се напна да лази, ама по 20 изминати сантиметри, туркајќи се со здравата нога опрена врз прагот на којшто се спрепна, не успеваше повеќе да напредува ниту сантиметар. Прстите и десната нога се слизгаа на паркетот како на мраз. Барем да може да ја затвори вратата од салонот низ кој навлегуваше студен воздух истовремено и од внатрешните скали, и од балконот во куќата која не беше згреана. Не можеше ништо да стори. Вратата остан подалеку од неговиот дофат. Покрај двете рала волнени чорапи облечени едното врз другото, долгите зимни гаќи пикнати во чорапите, своите две рала панталони, својата зимска маица, кошулата, двата пуловери облечени едниот преку другиот, и на тоа згора еден џакет, веќе го чувствуваше ледениот воздух како влегува под неговите алишта пробивајќи се преку ногавиците од панталоните и се искачува нагоре кон стомакот. Врз голата глава од која шапката летнала, го осетуваше студениот воздух што идеше од спалната каде почиваше телото од жена му. Созна дека ќе умре замрзнат. Тој, кој целиот свој живот играл мижитатара со смртта, велејќи им катаден на блиските дека умира, верувајќи некаде најдлабоко во себе дека така ќе ја смилува, ќе ја излаже смртта, преправајќи се дека е спремен да се предаде, но всушност сакајќи по секаква цена да избегне да биде однесен в гроб. Тој, кој и покрај сите свои жалби уште беше во добро здравје, досега. Најпосле ќе треба да престане да ја игра детската игра, таа магиска формула што ја пронашол да го задоцни најдалеку моментот на своето преминување во еден друг свет во чие постоење, тој никогаш не верувал. Почнуваше да се здрвува. Во интервали на луцидност, се сети на својата бедна жена што толку ја мачеше вдолж целиот заеднички живот. Како можел да постапува така спрема тоа суштество, што толку децении верно ги споделуваше сите мигови од неговиот живот?
(продолжува)
![]()

