Археолошки локалитет во Мала Азија
Античкиот град Ефес е еден од најзначајните археолошки локалитети не само во Турција, туку и во целиот свет. Тој е најпознат древен град, кој го посетуваат милиони туристи. Покрај високата цена на влезницата, 40 евра, не се жали да се види духот на антиката. Незаборавно е доживувањето, оти се добива впечаток дека сте повеќе милениуми назад во минатото. Се стигнува најблиску од Кушадаси.

Со бројните археолошки истражувања откриени се материјални докази кои говорат за значењето уште во бронзеното време. Го основале Амазонките. Подоцна управувале Јонците, Персијците, бил дел на кралството на Лидија, при што владетелот Крез го подигнал Артемидиниот храм. Подоцна го освоил Александар Македонски. Во 129 г. п.н.е го завладеале Римјаните, кога го доживеал најголемиот процут.

Бил главен град на римската провинција Мала Азија. Најголемо пристаниште во античкиот период. Живееле над 250 илјади луѓе. Бил најголем град после Рим. Низ историјата бил и важен центар на ранотото христијанство. Апостолот Павле ги држел своите проповеди за Исус Христос и се создало Јовановото евангелие. Бил место на Третиот Вселенски собир. Престојувале важни личности како Александар Македонски, Клеопатра, Марко Антонио, апостол Павле, Дева Марија, филозофи и др.

Ефес воодушевува. Се влегува во остатоци од градби по улици поплочени со мермер. Хеленистичкиот стил бил користен за да се импресионира посетителот. Главната улица е долга повеќе од 500 метри. На двете страни имало улични светилки. Пожелно е да се најде водич или слушалки комплетно доловување на историјата. На проспектите ги има сите информации за објектите, портите, мозаиците… сé до најзначајниот објект, Целзуисовата библиотека. Остатоците сведочат за величенственост. Подигнат е над крипта, во која бил погребан проконзулот на римската провинција Мала Азија, Тиберије Јулиус Целзиус. Била најголемата во античкиот свет со преку 12.000 книги. За жал, ништо не е сочувано од тоа богаство. Сé однесло пламениот виор на голем пожар. Монументалните столбови се обновени во 70 -те години од минатиот век. Во внатрешноста уште се наоѓаат ниши. Во столбовите се вградени четири статуи кои претставуваат персонификација на најголемите вредности – мудрост, знаење, интелигенција и храброст.
Во продолжение е агората, а десно големиот амфитеатар, кој уште се реконструира. За градбата биле потребни повеќе од 60 години. Собирал 25000 посетители. Во грчко време бил простор за драмски претстави. Римјаните пак го користеле како арена за гладијаторски борби. Дури и апостолот Павле држел проповеди.

Низ главната улица Куретес се остатоците од резиденциите на римските богаташи, мозаиците, како и бројните римски столбови, бања, тоалети, Трајановата чешма, како и Адријановиот храм со четири коринтски столбови, украсени со митски обележја. Грандиозен е Домицијаниовиот храм, па Сенатот, гимназиумот. Последната улица го поврзувала пристаништето со големиот амфитеатар. При истрагите е пронајдено богатство кое е сместено во музејот во блискиот град Селџук.
Текст и фото: Каролина Мицевска
![]()

