„ТРАНСМУТИРАНИ ДУШИ” изложба од м – р Филип Јовески

„Трансмутирани души” од академскиот уметник м-р Филип Јовески е изложбата што ќе биде отворена вечерва / 19.09.2025/ од 19.00 часот во Ликовната галерија од ЦК „Марко Цепенков”. Изложбата е поддржана од Министерството за култура и туризам, а ќе бидат претставени портрети.

– Портретот е еден од најстарите жанрови во историјата на уметноста и датира од древниот Египет, од пред околу 5.000 години. Тоа е уметничко дело што ја раскажува приказната на една личност. Преку позата, говорот на телото и изразот на лицето, уметникот дава индиции за расположението и карактерот на неговиот субјект. Иако на прв поглед, портретот може да изгледа дека е едноставно слика на личност или луѓе, ако погледнеме внимателно и поставиме повеќе аналитички прашања, портретите можат да ни кажат многу повеќе како за субјектот, така и за уметникот. Аристотел рекол: „Целта на уметноста е да го прикаже не надворешниот изглед на нештата, туку нивното внатрешно значење.” Тоа е уметност на доловување на физичка сличност, но и стремеж да се претстави духот и карактерот на поединецот во секој потег на четката. Денес, во времето кога селфито и дигиталните камери се дел од секојдневието, зошто портретот како уметничка форма е сè уште важен? Во современата уметност, портретот има повеќе од она што се појмува со очи. Тој пронаоѓа бесконечни форми на изрази и повеќе не е маркер на статус, туку начин на истражување на животот на друга личност. Целта на проектот е набљудувачите да се запрашаат: Зошто субјектот е прикажан во оваа позиција, токму на оваа локација, за разлика од која било друга? Зошто фигурацијата е апстрахирана или со десатурирани бои? Зошто насловот на портретот е таков и која е пораката што ја пренесува? “Портретите ќе бидат изработени од различни материјали и во разни медиуми. Преку употреба на различните алатки, техники, бои и атмосфери, ќе ги претставам личноста, приказната и важноста на пораката на субјектите во портретот. Портретите ќе ни кажат за културата на личноста, нивната психологија, па дури и за поширокиот културен и општествен контекст – вели уметникот, образложувајќи го проектот.

Филип Јовески е наградуван мултимедијален трансдисциплинарен визуелен уметник и магистер по фини уметности кој инспирацијата за своето творештво ја наоѓа во спојот на секојдневното и фантастичното, традиционалното и модерното, уметноста и технологијата, креативната перцепција и научното истражување. Неговите дела претставуваат код, симбол и дестилација на концепти и идеи, засновани на личното искуство во областа на визуелните уметности, архитектурата, културното наследство, скулптурата, филмот, анимацијата и дигиталната уметност. Неговиот визуелен јазик се движи помеѓу експресивна апстракција и имагинативна фигурација, помеѓу силни бои и потези и потиснати пастелни колорити. Ги истражува човековата психа, душа и тело низ призмата на личните и тековните локални и светски настани, и преку обсервација, интроспекција и саморефлексија создава дела кои инспирираат и потикнуваат промени како за личен, така и за одржлив развој. Остварил уметнички студиски престои во Германија, Русија, Чешка и Англија. Реализирал самостојни изложби во Германија, Србија, Грција и С. Македонија, и учествувал на повеќе интернационални групни изложби, проекти, уметнички колонии и биеналиња. Член е на ДЛУМ, ДЛУБ и ДЛУП, а неговите дела се наоѓаат во јавни институции и приватни колекции во земјава,  Германија и во Англија.

Loading