Институтот за старословенска култура – Прилеп
„Материјализација на мислата: идеолошките концепти во културното наследство „ е меѓународен научен собир што во градот ќе го организира ЈНУ Институот за старословенска култура – Прилеп на 24 – 26 септември, со поддршка на општина Прилеп.
– Религиските верувања и припадноста на конкретен социјален или политички стартум низ историјата имале сериозно влијание врз вообличувањето на материјалната култура. Тие манифестации може да се проследат во текот на повеќе од шест милениуми, почнувајќи од неолитските фигурини и жртвеници, преку богатите гробници на железнодобскиот период, до хеленистичките и римските храмови и јавните градби, ранохристијанските базилки, па сѐ до фреските и иконите на византиските цркви, османлиските џамии и еврејските синагоги. Големо е влијанието и на идејните концепти врз нематеријалната култура, каде се пресликани во бројните обичаи и обреди, во народните песни, игри, приказни, легенди и преданија на различните етнички култури и заедници. Затоа примарната цел за одржување на меѓународниот научен собир е да се промовираат суштинските вредности на материјалното и нематеријалното културно наследство кои, пред сѐ, се втемелени во културната историја и традиција – велат од Институтот за старословенска култура – Прилеп.
Преку презентациите и дискусиите ќе се придонесе во разбирањето и значењето кое го имале и го имаат идеолошките парадигми и религиските сфаќања на општествено и индивидуално ниво, како и за нивното влијание врз архитектурата, уметноста, обичаите, јазикот, фолклорните и литературните творби.
![]()

