Нов број на списанието Стремеж
Од печат излезе првото годинешно издание на списанието за литература, уметност и култура Стремеж, што е дел од издавачката дејност на ЦК “Марко Цепенков”. Изданието е уредено од новата редакција, Александар Војнески (главен уредник), Владимир Мартиновски (уредник), Давид Стојаноски (уредник), Наташа Атанасова (уредник) и Виктор Јованоски (технички уредник). Дизајнот на насловната страница е на Катерина Трајановска, а лектурата е на Христина Ангелеска-Мијоска.
– Новиот број донесува авторски дела и препеви поделени во неколку блока. Во поетскиот се застапени: Владимир Мартиновски со седум зооминијатури, Ана Стојаноска со три песни, Миладин Угреновиќ со три песни и Цветанка Невчева со три песни. Во блокот со препеви/преводи се застапени францускиот поет Лорен Грисон со седум песни, избор и препев на Владимир Мартиновски, рускиот поет Николај Гумиљов со две песни, избор и препев на Елена Карпузовска, полската поетеса Кажимјера Илаковичувна со четири песни, избор и препев на Звонко Димоски, чешкиот поет Јан Скацел, избор и препев на Диме Митревски и бугарската поетеса Поли Муканова со две песни во препев на Зоран Јакимоски. Со прозни дела се застапени Александар Доневски со два раскази и Петре Димовски. Во драмскиот објавена е монодрамата “Ложа” од Марио Стојаноски. Со блокот посветен на критики, есеи и студии се застапени Никола Пијанманов и Кирил Бисероски со филозофско-естетички есеј – вели уредникот Александар Војнески Еленин.
![]()

