Творештво, дружење и размена на искуства

Заврши ликовната колонија Марко Цепенков- Дрен 2025

По 17 пат, од 30 август до 5 септември, ЦК “Марко Цепенков” ја привлече уметници на традиционалната меѓународна ликовна колонија “Марко Цепенков – Дрен 2025”. Беа 17 творци од земјава, од Хрватска, Црна Гора и Србија во манастирот Св. Ѓорѓија. Домаќините ширум ги отворија вратите за уметниците  и им создадоа инспиративен амбиент во местото како родено за креации. Уметниците изразија задоволство од околностите и од љубезноста.

– Првпат сум во Македонија. Ми се допадна природата, просторот за мотивација и енергија. Го изразивме својот уметнички порив. Создававме и се дружевме. Тоа е најважно. Сретнавме луѓе од Македонија, од Србија, Црна Гора. Сите беа насмени и широкогради. Екипата беше сјајна, сместувањето и работните услови  одлични.  Впечатоците се супер. Ми се допадна каменоломот. Скулпторските форми, кубусите, белината и цврстината на каменот. Од Далмација сум и можеби затоа почувствував некоја поврзаност. Инспиран токму од каменоломот настанаа две дела – изјави  професорот Јуре Кокеза од Загреб.

–  Вторпат сум во Прилеп. Задоволна сум, оти првпат бев пред 26 години. Ме врзуваат драги и топли спомени. Колонијата, пред сé, е гостопримство, размена на енергија и дружење, проткаено со создавање. Без креативност и дружењето не би имало набој. Тоа се манифестираше од утро до мрак, и во ќутење и во креативност, во размена на искуства – вели Звјездана Јембрих од Загреб, Хрватска.

– Магистер сум по сликарство. Вторпат сум овде. Се радувам што сум учесник. Да не ми беше убаво претходно, немаше да дојдам. Организацијата беше одлична. Полн погодок е изборот на манастирот. Преубава природа, полни бевме со енергија и создадовме вредни дела – вели Снежана Манасиќ од Панчево, Србија.

За македонските уметници учеството било неизмерно искуство.

– Првпат сме многу сме задоволни од дружењето и размената на искуства. Колониите духовно ги хранат уметниците – велат Билјана Тошеска и Васко Ѓоргиев.

Емил Димоски од манастирскиот одбор, кој твореше, веднаш се согласил манастирскиот комплекс да се претвори во еднонеделно уметничко средиште.

– Ни беше чест да бидеме домаќини. Уметниците беа воодушевени од природата, доста креативни и друштвени – посочи Димоски.

На колонијата твореа Јуре Кокеза, Звјездана Јембрих, Злата Томљеновиќ, Звонко Павличиќ, Снежана Манасиќ, Стефан Анчевски, Васко Горѓиев,  Дејан Макаријоски, Верче Николоска, Александар Џинго, Ферди Булут, Марјан Стојаноски, Златко Крстески, Емил Димоски, Слободан Милошевски и Бојана Тошеска.

 -Веќе 17 години ја организираме колонијата. На последнава се создадени 40 вредни дела, што ќе бидат дел од богатата збирка на Центарот, кои ќе се презентираат на изложба во ноември – вели Марјан Стојаноски, координатор на колонијата.

Уметниците годинава се запознаа со богатото културно историско наследство на Прилеп. Гивидоа експонатите во Музејот за тутун, се восхитуваа на манстирот Св. Архангел Михаил, црквата Св. Благовештение и колекцијата во Галеријата со икони.

Loading