“ЗА” – 8-ми Септември 91 – 8-ми Септември 2025

34 години од рефеендумот за самостојност

Согледувајќи ја состојбата во Југославија по првите повеќепартиски избори во 1990 година, македонскиот парламент ја усвоил Декларацијата за независност на 25 јануари 1991 г. Потоа донесе и одлука за распишување на референдум на 8 септември 1991. Македонските парламентарци донесоа одлука на референдумот да се постави прашањето: “Дали сте за суверена и самостојна држава Македонија, со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија?”.

Во прилепската општина,  на референдумот во 1991 година позитивно се изјаснија 62.752 (99%), 594 против (0.45%) и 608 (0.55%) гласови биле неважечки. Во избирачките списоци биле запишани 71.146 гласачи, од кои гласале 63.921 (90%). Гласањето се изврши во 162 гласачки места, од кои 65 во градот и 95 во селата, вклучувајќи ги, според тогашната територијална распределба, и денешните општини Долнени и Кривогаштани.

Формално волјата на народот за самостојна држава била потврдена со Декларација за прифаќање на референдумските резултати на 18 септември 1991 во Собранието на Република Македонија. Во првиот состав на парлементот пратеници од Прилеп беа Симон Наумоски, Алил Џафероски, Благоја Чкатроски, Петар Трајкоски, Борка Ѓорчески, Никола Апостолоски и Цветан Јовчески.

Историска можност

Изјава од 1991 г. на Илија Димоски – Шаторо – првиот градоначалник во плурализмот

Македонија, кога тогаш ќе мораше да се определи за сувереност. А, дали сме за тоа, најдобро ќе докажеме, ако задутре, в недела, излеземе и го дадеме своето “ЗА” за суверена и самостојна држава Македонија. Овој ден е ден на нашата иднина, ден на нашата заедничка македонска судбина зашто граѓаните на Прилеп ја имаат историската можност на Референдумот прв пат слободно и самостојно ја изразат својата волја и да се изјаснат за иднината на Македонија. Всушност, гласањето “ЗА” на Референдумот ќе значи проверка на политиката што ја води македонското раководство, а со која се настојува да се обезбеди мир во Југославија. Со позитивното изјаснување, прилепчани ќе ја легитимираат европската опција, со што ќе се придонесе Македонија на меѓународен план да биде рамноправен партнер и партнер кој ќе настојува соседните граници да бидат формални.  Граѓани, уште еднаш да ја докажеме нашата самодоверба во она што веруваме, а тоа е нашето подобро утре.

Без војна до незавиност

Димче Настески – првиот претседател на ОО на СДСМ Прилеп

За предвечерјето на 8-ми септември 1991 година сведочи Димче Настоски – првиот претседател на ОО на СДСМ Прилеп. Настоски беше првиот претседател на ОО на СДСМ од 1991 година. Го пренесуваме видувањето на периодот на осамостојувањето на Македонија, за најзначајниот период од историјата на нашата држава, бидејќи Македонија првпат во нејзиното постоење стана самостојна држава.

Во 1989 година, во тогашната СФР Југославија, се промени политичкиот систем, од еднопартиски во повеќепартиски систем. Почна создавањето и оформувањето на нови политичко-партиски субјекти. Покрај постоечкиот Сојуз на комунисти се јавуваа нови партии. Како најзначајна партија беше Сојузот на реформски сили, на тогашниот актуелен премиер и многу популарен политичар Анте Марковиќ. Во Македонија се оформи прво МААК, но не како политичка партија, ами како семакедонско движење да ги брани интересите на македонската нација. После тоа се формира ВМРО – ДПМНЕ, а Сојузот на комунисти на Македонија се трансформира во СКМ – ПДП.

По првите повеќепартиски избори видливо беше дека во сите тогашни републики доминираа националните партии. И во Македонија на изборите во 1990 година победник беше ВМРО – ДПМНЕ со 39 пратеници во Собранието. Потоа се распадна Југославија и се оформија пет нови држави. Единствено Македонија се отцепи од Југославија по мирен пат, без војна и крвопролевање, по пат на референдум на 8 септември 1991 г.

Loading