Плус пет минибуси во градскиот сообраќај

Од први септември

По неколкудневниот прекин на движење на автобусите на градскиот сообраќај поради штрајк на возачите, градот доби јавен градски превоз. Вработените ЈП за ПУП зедоа плата за јули на 21 август и го прекинаа протестот.

Директорот Бранко Нешкоски истакна дека се исплатени сите плати и додатоци за вработените, покрај финансиската дубиоза, од 6-7 милиони денари.

Градскиот превоз е најголем потрошувач во ЈП за ПУП.

– Најголем проблем е доцнењето на исплатата на платите. Тоа се должи на големото побарувањето од неколку милиони денари што го имаме од средните училишта, кои користат превоз за своите ученици, а го сервисира општината. Проблемот не е единствен, туку го има во цела Македонија. Тој е последица на промена на начинот на пресметка на блок дотациите на МОН кон локалната самоуправа. Има најави за промена на методологијата идната година. Ќе се направи анализа, колку километри се минуваат, колку деца има, која е усвоената цена на Советот на Општината и реалната цена ќе биде исплатена. Училиштата нема да бидат доведувани во ситуација, како сега, да не може да платат за струја, да реновираат каде има потреба, да не можат да исплатат за јавен превоз… – вели Нешкоски.

Инаку, од септември ЈП за ПУП ќе пушти уште 3 нови релации со 5 минибуси во прилепско за регионот на Канатларци, Тополчани, Чепигово и делот на селата Селце, Штавица, Волково, кои, освен ученици, ќе ги превезуваат и жителите.

– Ќе се превезуваат учениците од средното училиште од селата до градот и пак ќе ги враќаат дома. Во тие автобус ќе може да се возат и жителите од тие региони, по цена како учениците –  кажува Нешкоски.

Loading