Истражувањe и џез концерт

На локалитетот Врбјанската чука

Мина уште една десетта етапа од археолошката кампања на локалитетот Врбјанска Чука. Таа е плод на соработката меѓу Центарот за истражување на предисторијата и Заводот и музеј од Прилеп. Во мултидисциплинарното истражување се вклучени бројни европски институции за темелно разбирање на неолитската населба на локалитетот и функционирањето во антиката и средниот век.

– Проучувањата се насочени за прецизно дефинирање на масивните неолитски градби, детектирани при геофизичкото скенирање и преку ископувањето во северниот дел на археолошката сонда. Неолитскиот објект импресионира со димензиите, со архитектонските обележја и откриената материјална култура. Комплексната градба има долготрајно користење, потврдено преку повеќето обновувања во габаритот. Присутни се неколку глинени структури (сандаци), извонредно сочуван компактен под, како и неколку садови сликани со импресивни орнаменти карактеристични за Пелагонија. Во околината се откриени бројни остатоци од фигурини, антропоморфни модели на куќи, жртвеници, камени секири, кремени алатки, кугли за праќа… – велат од Центарот за истражување на предисторијата.

Стручњаци од германскиот археолошки институт и универзитетот во Белград вршат археоботанички анализи. Во теренската работа учествуваат и студенти од Универзитетот во Базел, Универзитетот “Гоце Делчев” и “Кирил и Методиј”, потврдувајќи го интересот на странските институции и на младите студенти за континуираните мултидисциплинарни истражувања и едукации минатите десетина години. Плодната децениска соработка меѓу Центарот за истражување на предисторијата, Завод и музеј од Прилеп и бројни европски универзитетиќе резултира со јубилејна изложба во Завод и музеј за сознанијата за археолошкиот локалитет во септември.

И годинава, теренските истражувања традиционално завршуваат со концерт на тумбата в недела од 18 часот. Ќе настапи џез составот Неџт то Силенце, со изведба на дел од својот репертоар во анплагд издание. Концертот овозможува поинаква перспектива на локалитетот, акцентирајќи го предисториското културно наследство. Се афирмира локалитетот како можна туристичка одредница и културен потенцијал во Пелагонија.

Loading