Миравци
Како со обични зборови да се опише раскошната природна убавина на Македонија, а притоа да се долови сето она што понекогаш е невидливо и за човечкото око? Неблагодарна работа, освен за поетите. Тоа сигурно ќе го потврдат среќниците кои ја вкусиле убавината и кои љубоморно, малку, грижливо ја чуваат во срцата и сеќавањата.
Си беше еднаш еден Рај, го викаа Бел, а потеклото му водеше од селото Миравци. А како што вели поговорката – “Сите правци водат кон Миравци”. Несомнено кон Белиот рај… На ридовите над селото Миравци кај Гевгелија се наоѓа и излетничкото место Бел Рај. До природната оаза се стасува брзо. Се наоѓа веднаш под мостот. Мераклиите за прегратка со водата и планината дури можат и да кампуваат во источното подножје на Кожуф.

За бегство од урбаната горештина и врелиот асфалт, лад може да се побара под сенките и водопадите кај месноста Бел Рај кај Миравци. Не само за љубителите на авантури, чист воздух и мир, скриен е природен дар. Во срцето на природата е кањонскиот дел на Стара Река. На карпести предели и клисурата, каде што водата се “струполува” од височината извајани се мали природни базени, идеални за разладување во жешките летни денови и да ја заситат гладта на очите. Водата се одликува со голема бистрина и чистота. Поради бројните сончеви денови, и со повисока температура локацијата импресивна и привлечна за капења. Автентичноста се рамни со природен бисер што е пожелно да се доживее. Водата од реката извира на 1180 м.н.в., под врвот Висока чука на Кожуф. Природата создала кањонско корито на локалитетот Пилоу лава. Атрактивната појава настанала со излачување на лавата во вода. Нееднаквата температура предизвикала топчесто лачење, а карпите добиле елипсовидна форма. Карпестиот дел на клисурата е висок 13 м. и штити два базена, три слапа и два водопада. Првиот слап е долг 9 м. и паѓа во базен широк 11 м. и длабок 3 м. Вториот слап е долг 8 м, а третиот 3 м. Низводно се јавува првиот водопад со 5,3 м. височина, а потоа и вториот, висок 7 м. Под него е вториот базен широк 10 м, долг 13 м. и длабок 4 м. Клисурата е релативно мала, но плени со својата убавина. Реткиот феномен е мека за уживање во пејзажната уметност.

Угостителскиот објект е отворен во лете. Тој е вистинско место за релаксација, забава, но и за рекреативен туризам.
Во близина е селото Миравци. Рамничарско, од десната страна на реката Вардар, на 110 метри надморска височина и на 24 км од Гевгелија. Под влијание на суб-медитеранската клима, покрај основните полјоделски култури, успеваат и раниот зеленчук и некои тропски и медитерански овошја како киви, калинки, смокви и јапонски јаболка.

Црквата Св. Константин и Елена датира од 1860 г. Иако неколку пати била опожарена и разурната, обновена е во 1990 г. Во близината, на патот за селото Петрово се наоѓа вештачко езеро.
![]()

