Даниел Мелвил Макеоднска рапсодија 89

Ех, челадта е мила. Женската посебно претставува проблем. Не е исто на светов човек да биде маж или жена. Родителите од Александра, како и некои други родители со женско дете близу до годините за мажење, се загрижени. Дали нивното детенце Александра еден ден нема да летне, да се омажи за некое момче од селото? Не им се брза. Би сакале уште некое време да ја гледаат дома, да им ја исполнува куќата со присутноста, со младост, со својата висока става. Не за бадијала народната песна вели: Черешна се корни од корен, Девојка се дели од мајка, Проштавај мајко, проштавај… Ја вардат, ја следат, дури и кога спие ја надгледуваат, внимаваат да не побегне преку некој од прозорците. И одат по стапките, и ги конфискуваат алиштата да не може да им побегни. Така и некои други родители во селото прават.

Во главата од Александар, од момчето возрасно на 21 година, вибрираат бранови должини на бои, цртежи, икони… Би сакал да учи за уметник во некое училиште, ама татко í не дава. Нема аир од такви бабини деветини! Со цртање куќа не се храни, туку со работа. Цртањето не е работа, не е занает. Чвекота го ранат земјата, добитокот. Така мисли татко í од Александар. Така мислел и татко му негов, и таткото на таткото, и така до бескрај. Земјоделци, сточари, селани. Тоа бил и останал нивниот живот. Од тоа се живее, а не од ветер.

Александар сонува да се ожени. Александра, младата чупа мора да биде негова жена. Ако треба и да побегне од дома, од нејзините кои не сакаат уште да ја мажат. Правејќи планови за жена-бегалка Александар не знае дека со тоа тој и неговата евентуална идна сопруга повторуваат нешто што низ Македонија со векови се практикувало уште од најстари времиња – грабањето жени од своето село, од соседното село, оттаму каде имало жени, оти без жена нема дом, нема куќа, нема деца, нема фамилија. Жената е главната греда на која куќата се потпира, се држи. Не знае Александар дека неговите гени го гонат да повторува работи што одамна некој ги “пронашол”, ги “измислил”. Не знае за оружјето од дрво, сепак многу ефикасно, за сабјите, за мечевите дрвени со кои се тепале момците од различни села на двобои или во масовни битки рано наутро на однапред закажани места меѓу двете соседни села. Не знае свесно за тоа. Тие информации се можеби запишани негде во него, во клетките од кои е составен неговиот организам, неговото тело. Ех, Александра, Александра!

Јануари. Снег. Месечина. Студ. Ноќ. Ноќ со големо Н, оти по договорот направен преку тајни љубовни курири какви само вљубените знаат да најдат и да употребат, таа ноќ Александар ќе ја граба Александра. Таа ноќ Александра ќе стане бегалка.

Го вади камчето од џебот и со мака успева најпосле да го погоди џамот од собата во која спие девојката. Само да не í се разбудат родители. Тогаш сé ќе пропадне неславно! Малку потоа двајцата млади брзаат кон домот од родителите на Александар. Таткото од момчето не можи да поверува дека син му донесол жена дома. Ја вика жена си да го види чудото невидено. Е, стана што стана, ај да се напиеме во чест на свршувачката!

Деновите минат. Со таткото од Александра работата е многу потешка, посложена. Не сака да види ни ќерка, ни зет. Човекот е опасен. Има неколку ловџиски пушки, си вели Александар, да не му текни да крени една против него! Ама, страв-нестрав, или, мечка страв, мене нестрав, најпосле бегалката и зетот ја собираат сета храброст и тргнуваат на кај куќата од родителите на Александра. По пат уште еднаш момчето и објаснува на својата свршеничка како треба таа да оди по него за случај татко í да се налути и да почне да мава. Така ударите ќе ги прими момчето, а за тоа време девојката ќе избега и ќе се засолни дома кај родителите од мажот. Има сепак една надеж. Ставени пред свршен чин, родителите од девојката, како и други родители, можеби ќе капитулираат и ќе се согласат да се прави свадба. Бегалка не се враќа дома. Тоа би бил голем резил. Девојка што поминала макар само една ноќ кај машко, макар и ако меѓу нив ништо не се случило, е обележана, само венчавањето може да биде среќен крај на таквата епизода.

 (продолжува)

Loading