За зголемена безбедност на граѓаните низ улиците
– Приоритетни се 17 локации, а ќе има уште 31 бариера
Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата во соработка со Министерството за транспорт и врски ќе ги обезбеди пешаците и другите учесници во сообраќајот низ градот со 17 приоритетни локации за забавување на брзината, познати како легнати полицајци. Според забелешките на граѓаните, предложено е да се постават бариери на ул. “Мечкин Камен” кај училиштето, ул. “Ѓорѓи Димитров” кај паркот кај Цуцуло, ул. “Партизанска” – две локации, ул. “Димо Наредникот” и “Архиепископ Доситеј”, ул. “Кеј 9-ти Септември” кај зградите, ОУ “Кире Гаврилоски” кај пешачкиот мост, ул. “Вера Циривири” над продавницата, кон подвожњакот, ул. “Јоска Јорданоски” и “Победа”, крстосницата “Егејска” и “Кузман Јосифоски”, ул. “Прилепски бранители” кај факултетот и над “Партизанска”, ул. “Карпалак” кај Жито Прилеп, ул. “Мице Козар и Пиринска” кај турското училиште, ул. “Орде Чопела” кај брашнарницата, ул. “11-ти Октомври” кај градинката, ул. “Бранко Секулоски” кај градинката, ул. “Лазо Филипоски” кај паркчето, ул. “Поп Аврамија” кај млекарата Мики.
Општината во соработка со Министерството за транспорт и врски ќе постави технички средства за забавување на дополнителни 31 локација. Неприфатените предлозите се веќе опфатени со постојни сообраќајни решенија или се во фаза на реализација преку други проекти.
Разгледани се можностите за спроведување пилот проект за воведување на “Зона 30” во типската населбата за намалување на сообраќајната брзина и зголемување на безбедноста. Постои можност за повторно воспоставување на натпреварот Семафор, како дел од активностите за подигнување на сообраќајната култура и свест особено кај младите. Не се исклучени и обуки во основните училишта, насочени за безбедно движење на велосипедистите и корисниците на електрични тротинети по постојните коловози.
Досега лежечките полицајци главно се поставуваа околу училиштата, градинките, здравствените установи. Последни забавувачи за смирување на “палавите возачи” се поставени на влезот и излезот на градот од Плетвар, на улицата “Александар Македонски”, но и на другата страна, за Битола, на стариот пат, кај фабриките Металец, односно Партизанка. Сите се означени со соодветната вертикална сигнализација, навреме да ги предупредува возачите дека треба да ја намалат брзината. Сепак имаат слабости за смирувањето на сообраќајот. Ги забавуваат возилата за итни интервенции и автобусите на градскиот сообраќај. “Грпките” можат да предивикаат застој, сообраќајна незгода, дефект, зголемена потрошучка на гориво, а со тоа раст на загадувањата.
Во светот се поставуваат модерни средства за забавување на сообраќајот на критичните места, а не како кај нас со обичните нерамнини. Тие се меки, прицврстени за подлогата, осветлени и спречуваат лизгање, дури и со трепкачи и звучни сигнали.
![]()

