Збратимени Лознани и Прилеп
Идејата за збратимување не е нешто ново. Датира повеќе од 50 години, Прилеп беше збратимен со пет града од републиките во тогашната Југославија: Валево (Србија), Никшиќ (Црна Гора), Јајце (Босна и Херцеговина), Копер (Словенија) и Задар (Хрватска).

Новото е што сега сме сведоци на братството меѓу два фудбалски клуба – Хајдук (Лознани, Битолско), член на Општинската Б-лига на ОФС Битола и Прилеп сити (Прилеп), член на А-групата од Општинската лига на ОФС Прилеп. Братството се негува веќе четири години, од денот кога е потпишана Повелбата за збратимување, од 2021 година.
– Сé се одвиваше спонтано. Импресионирани, ние, од односот на прилепскиот клуб, тие од односот на нашиот клуб на пријателските средби, се збратимивме. Оттогаш комуникацијата е безмалку секојдневна. Ние ги покануваме за учество на нашиот турнир посветен на прерано починатиот другар Николче Атанасовски, а тие не канат на пријателски меч во Прилеп. И оваа сезона не случајно ја отвораме со гостување на Прилеп сити во Лознани – вели Бенито Наумчевски, претставник на ФК Хајдук.

Братството не е само на збор или на хартија. Тоа е суштина што се забележува на секој чекор. Дури и во играта е за восхит да се гледа како две противнички екипи се согласуваат околу секоја одлука. Чиста формалност е судијата (на последниот меч во неделата Дафилче Чивијовски). Покрај тоа што нема аут-судии, сите на теренот и околу него се сложуваат дали е гол, аут, корнер, офсајд… Како овие луѓе никогаш да не слушнале за кавга, за инаетење… При една акција домашните постигнаа гол, но топката претходно како да беше одбиена од гостинскиот голман надвор од теренот. Сите се согласија дека треба да е корнер за домашните, а не гол. И кога е фаул сите застануваат и топката му се доделува на фаулираниот. Како овие луѓе да се од друга планета. До правдата во денешниот фудбал тешко се доаѓа и со камери, снимки и ВАР-систем, а овде на братските дуели лесно се одигруваат 90 минути без ниту еден судија. Дури и линиите ако некаде не се познаваат на теренот, не е никаков проблем. Сите се согласуваат до каде е корнер-линијата, до каде е аут, шеснаесетникот. И таму, каде се мислеше дека е неможно, во фудбалот, таму е примерот за одмереност, пристојност и за чесност. Можно е затоа што резултатот (2:6 во неделата) е во втор план, а се друго е поважно. Тоа е братството и другарството.

– Ќе имаме реванш во Прилеп, пред почетокот на првенството, За нас, секоја средба со клубот од Лознани е голема радост – рече Коста Мирчески, претставникот на Прилеп сити.
Кај него се силни емоциите кога се зборува за Хајдук и Лознани. Во пресрет на последната средба, доби инспирација за пишување нова песна. Фудбалот овде е како поезија. Најновото негово дело беше претставено пред жителите од Лознани, а еве го и пред нашите читатели:
Рајот “Лознани”
Рамна Пелагонија внимателно ја гледам
И убавини во нејзината утроба следам
Како прекрасен цвет се гледаш
Во преубавото Лознани се шеташ.
Кога во ова убаво место влегуваш
Како птица песнарка слободно леташ
Убавите зелени ливади се протегаат
На нивите родни зелените култури прилегаат.
На ридот Бог створил манастир убав и среќа
Се прекрстив внатре и запалив свеќа
За сите починати лесна им земја
За живите живот и здравје во среќна земја.
Внатре селото се чувствува мирно
Убави куќи, улици, луѓе средсело ширно
Другарство, соживот без предрасуди
Козата на комшијата да е жива и никој никому да не суди.
Шетајќи низ преубавото Лознани место
Во кое со ќеф навраќам често
Се прашам дали овој преубав крај
Е од друга планета преточен во рај.
Дружба до доцна вечерта
Кога судијата свири крај, секаде значи разделба, освен по средбата Хајдук – Прилеп сити. И во неделата, дружбата на збратимените продолжи со освежителни пијалаци, муабетење, смеа, расположение пред најблиската продавница. Ссé беше измешано, играчи, тренери, публика. Дружба на сите генерации, од пионери, младинци, средовечни до пензионери. Времето лета, а никој не гледа на часовникот. Дружбата трае доцна вечерта оти никој не ја прифаќа разделбата.
Во Лознани – место со 130 жители, успева да ја одржат традицијата, да го одржи фудбалскиот клуб.
Фудбалери на 50 години!
Овде има многу чуда, а чуда се и најстарите играчи. Двајца беа на возраст во длабока петта деценија. Кај домашните Бенито Наумчевски наскоро ќе наполни 49 години, а кај гостите Александар Никоски е на 47 години. Тие се со богати кариери – Наумчевски како играч во Буково и во Битола, а Никоски во Победа и 11 Октомври.
Иако најстари, тие се меѓу најдобрите, за пример.
![]()

